Најголемата воена вежба досега одржана во Австралија е во тек и се очекува да го привлече вниманието на кинеските шпионски бродови, објавува АП.
Австралија денес испали ракети од својот систем за ракетни проектили со висока мобилност М142 (HIMARS) за време на вежби со боево гаѓање на полигонот Шоалвотер Беј, кој опфаќа 4.500 квадратни километри во сојузната држава Квинсленд. Лансерите HIMARS неодамна беа купени од Австралија од Соединетите Американски Држави.
„Денес е првпат австралиската армија да спроведе боево гаѓање со нашите платформи HIMARS со долг дострел, повеќе домени, па затоа ова е исклучителен ден“, изјави бригадниот генерал Ник Вилсон за новинарите.
Вежбата започна во 2005 година како двегодишна заедничка воена вежба меѓу Соединетите Американски Држави и Австралија.
Оваа година, според австралиското Министерство за одбрана, во вежбата учествуваат повеќе од 35.000 војници од 19 земји, вклучувајќи ги Канада, Фиџи, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Јапонија, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Папуа Нова Гвинеја, Филипините, Јужна Кореја, Сингапур, Тајланд, Тонга и Обединетото Кралство.
Малезија и Виетнам учествуваат како набљудувачи.
Вежбата ќе се одржи и во Папуа Нова Гвинеја, најблискиот сосед на Австралија. Ова е прв пат активностите на воената вежба да се одржат надвор од Австралија.
Кинеските бродови за надзор ги следеа поморските вежби покрај австралискиот брег и се очекува да ја следат и оваа вежба, изјави министерот за одбранбена индустрија Пет Конрој.
„Кинеската војска ги следи овие вежби од 2017 година. Би било многу невообичаено тие да не ги следат сега“, рече тој.
„Ќе се прилагодиме на тоа. Јасно ќе ги следиме нивните активности и ќе го следиме нивното присуство низ Австралија, но исто така ќе го прилагодиме и начинот на кој ги спроведуваме овие вежби“, додаде Конрој.
Според АП, вежбата официјално започна вчера со церемонија во Сиднеј, на која присуствуваа заменик-командантот на американската Пацифичка команда, генерал-потполковник Џ.Б. Вовел, и австралискиот началник на заедничките операции, вицеадмирал Џастин Џонс.