Челси е еден од клубовите кои трошат најмногу пари на трансфер пазарот во последните неколку преодни рока, па иако веќе добие опомена од УЕФА за кршење на финансискиот фер-плеј, „сините“ со најновите приходи ќе имаат полесна задача да го испочитуваат ова правило.
Покрај втората освоена титула оваа сезона, Челси добива и сериозна и важна финансиска инјекција од настапот на Светското клупско првенство, не само поради бонусот за победата во финалето, туку и поради сето она што го заработи до таа фаза на турнирот.
По трофејот во Конференциската лига, Челси вчера ја освои титулата и на новоформираното натпреварување на ФИФА, а од истото си заминува како клуб кој оствари најголема заработка.
Поради полошиот коефициент, Челси не можеше да парира со заработките на Реал Мадрид, ПСЖ и Баерн во групната фаза, но како што одминуваше турнирот, лондонскиот клуб продолжи да го полни своето конто и на крајот си заминува од САД со заработка од 116 милиони евра.
Распределбата вели дека Челси заработи 40 милиони евра само од вчерашната победа против европскиот шампион, 30 милиони беа загарантирани од самиот пласман на завршниот меч, а останатите средства следуваат поради самиот настап на турнирот кој ова лето беше инаугуриран од ФИФА.