Залетаниот Арсенал не застанува: Берта договори уште едно летно засилување за Артета

Дерби

14/07/2025

13:41

440

Големина на фонт

а а а

Андреа Берта го наследи Еду како спортски директор во Арсенал, а првиот преоден рок како одговорен за спортскиот проект на „топчиите“ го почна максимално ангажирано и амбициозно.

Италијанскиот фудбалски работник веќе официјализираше три зделки со Кепа Аризабалага, Мартин Зубименди и Кристијан Норгард, но планот на Арсенал е во наредните седум до десет дена да потврди уште три големи засилувања.

Покрај Виктор Ѓекереш и Нони Мадуеке, Берта успеал да постигне конечен договор и со Валенсија за ангажман на Кристијан Москера, па така младиот шпански репрезентативец во скоро време треба да позира со новите обележја од Северен Лондон.

Москера се докажа на највисоко ниво во Ла Лига изминативе две сезони и прерасна во еден од најталентираните дефанзивци во Шпанија, а Арсенал ја искористи шансата да издејствува и подобра цена со оглед на тоа што му преостанува само една година од договорот со Валенсија.

Поради тоа, целиот пакет за фудбалерот ќе достигне максимални 20 милиони евра, што дефинитивно е извонредна зделка за Берта, но и за менаџерот Микел Артета.