Иако никој не знае кој точно се крие зад анонимниот изумител на биткоинот, експертите за криптовалути внимателно ја следат неговата имотна состојба. Последниот скок на вредноста на биткоинот му ја донесе титулата еден од најбогатите луѓе на планетата.
Сатоши Накамото во 2008 година го осмисли концептот на биткоинот, ги постави темелите за првата криптовалута и воопшто за блокчејн технологијата. Но, „попатно“, лицето под псевдонимот Сатоши – или групата што се претставува така – ископало и задржало значителна количина биткоини. Според официјални проценки на експертите за дигитални паричници и криптовалути, Сатоши Накамото поседува нешто повеќе од 1.096.000 биткоини.
Милион биткоини за влез во топ 10
Последниот раст на вредноста на биткоинот ја подигна неговата цена на нови рекордни нивоа – денес еден биткоин вреди над 121.000 долари. Тоа значи дека богатството на Сатоши надминува 133 милијарди американски долари, што го позиционира меѓу најбогатите луѓе во светот.
Според "Bloomberg", со овој износ тој би се нашол на 12. место на листата на милијардери – помеѓу технолошкиот магнат Мајкл Дел (137 милијарди, 11. место) и Бил Гејтс (123 милијарди, 12. место). Доволен е уште неколкупроцентен раст на биткоинот за Сатоши да ги надмине и Дел и Ворен Бафет (124 милијарди), и да влезе во топ 10 најбогати луѓе на светот.
Зошто Сатоши не е на листите?
"Bloomberg" и "Forbes", двете највлијателни медиумски куќи што водат листи на најбогати луѓе во светот, не го вклучуваат Сатоши Накамото. Причината е што нивната методологија не ја зема предвид крипто-имотната состојба на поединци. Нивните проценки опфаќаат само „јавно верификуван“ имот: акции од берзи, готовина, недвижнини, удели во приватни компании, уметнички дела, возила и друга „реална“ сопственост.
Без разлика на тоа, ако вредноста на биткоинот продолжи да расте, Сатоши Накамото – иако официјално невидлив – наскоро би можел да се смета за еден од најбогатите луѓе во модерната историја.