Пристигна првата реакција на Русија на ултиматумот на Трамп

Макфакс

14/07/2025

19:09

830

Големина на фонт

а а а

Високиот руски функционер, Константин Кошачов, порача дека заканите од американскиот претседател, Доналд Трамп, за 100-процентни царини воопшто не влијаат врз ставот на Москва.

„Тоа не нѐ допира ни најмалку“, изјави потпретседателот на горниот дом на рускиот парламент.

„Ако тоа беше сè што Трамп денес имаше да каже за Украина, тогаш целиот притисок испари“, додаде Кошачов.

Тој тврди дека Европа сега ќе мора сѐ повеќе да плаќа, бидејќи бесплатниот ручек за нив се покажа како замка. Дополнително, ги обвини САД дека се единствениот вистински добитник од новата политика, затоа што американската воена индустрија профитира.

„Украина може да продолжи да води војна до последниот Украинец“, изјави Кошачов, заклучувајќи: „За 50 дена многу може да се смени – и на бојното поле и во расположението на оние кои носат одлуки во САД и НАТО.“

Трамп денес најави нов пакет воена помош за Украина, кој ќе се реализира преку модел во кој САД го произведува и продава оружјето на земјите-членки на НАТО, а тие потоа го испраќаат во Киев. Тој нагласи дека Украина итно има потреба од опрема и дека САД ќе ѝ испорачаат „најмодерно оружје“, додека европските земји ќе ги покријат сите трошоци.

Истовремено, Трамп се закани со воведување на 100 отсто царини за Русија ако во рок од 50 дена не прифати договор за завршување на војната. Најави и таканаречени секундарни санкции за сите земји кои ќе продолжат да купуваат руска нафта, што подоцна го потврди и Белата куќа.