Каде е и во каква физичка состојба Михаел Шумахер, се прашања на кои јавноста скоро 12 години нема одговори.
Шумахер беше тешко повреден на 29 декември 2013 година на француските Алпи.
Седумкратниот светски шампион во Формула 1 со главата удри во карпа покрај патеката и од тогаш за неговата здравствена состојба многу малку се знае.
Затоа секоја информација која се споделува за него се дочекува со големо внимание во јавноста.
Така било и овојпат кога фоторепортерите на германски „Билд“, ја фотографирале сопругата на Михаел, Корина.
Корина Шумахер присуствувала на годинешното првенство во вестерн јавање, во кое доминирала ќерката Џина Марија Шумахер.
На телефонот којшто бил закачен на нејзините фармерки, се покажала фотографија од Михаел Шумахер.
Фотографијата која е црно-бел портрет, не им е позната на обожавателите на Шумахер. Според пишувањата на „Билд“, направена е меѓу 2012 и 2013 година.
Љубовната приказна на Михаел и Корина трае уште од 1991 година кога се запознале. Се венчале во 1995 година, имаат две деца, ќерката Џина Марија и синот Мик.
Михаел освоил седум титули на светскиот шампионат во Формула 1, а после речиси 25 години кариера се пензионирал во 2012 година.
За жал, не уживал долго поради тоа што на спомнатиот 29 декември 2013 година се здобил со тешка повреда.
Според пишувањата на „Билд“, Михаел од тогаш се повлекол со најблиските членови на семејството на својот имот во Глан, на само 10-на минути возење од фармата на Корина.
По несреќата и многу месеци поминати во клиниката за рехабилитација, таму бил направен посебен медицински простор за да закрепнува во оптимални услови, далеку од очите на јавноста.