Дојче Веле: Германскиот пензиски систем пред колапс

Точка

01/08/2025

18:37

1.840

Големина на фонт

а а а

Германскиот пензиски систем е под притисок поради стареењето на населението, а новата министерка за економија Катерина Рајхе сака Германците да работат подолго за да го надоместат тоа.

За Рајхе (CDU), постои едноставен начин да се поправи германскиот пензиски систем: „Мораме да работиме понапорно и подолго“, изјави таа за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ кон крајот на јули, поттикнувајќи нова дебата. Рајхе тврдеше дека ветувањата дадени во коалицискиот договор на сегашната германска влада претходно оваа година едноставно нема да бидат доволни.


Стареењето на населението во Германија одамна се смета за проблем. Средната возраст на населението – 46,7 години – е осма највисока во светот и трета највисока меѓу големите економии, веднаш зад Јапонија и Италија. До 2040 година, се очекува една четвртина од населението да има 67 години или повеќе.

На почетокот од 1960-тите, имало шест активно осигурени работници за секој пензионер – денес односот е 2 спрема 1, со тренд на опаѓање, а до 2025 година две третини од буџетот на Министерството за труд ќе оди во пензискиот систем: 121 милијарда евра.

„На долг рок, неодржливо е да работиме само две третини од нашите возрасни животи, а една третина да ја поминуваме во пензија“, предупреди министерката Рајхе. „За жал, премногу луѓе предолго одбиваат да ја прифатат демографската реалност“,додаде таа.


Нејзините коментари предизвикаа брза реакција од нејзините колеги од владата од левиот центар. Ларс Клингбајл, министер за финансии и лидер на СПД, социјалдемократска партија која традиционално се смета себеси за претставник на работничката класа, ја опиша нејзината изјава како „шлаканица во лицето“ за многу работници. „Лесно е да се каже тоа кога седите во удобна фотелја во Берлин“, изјави Клингбајл за телевизијата НТВ. „Но, треба да излезете и да разговарате со луѓе низ целата земја кои работат како кровопокривачи, медицински сестри, наставници – кои навистина се заморуваат и едвај чекаат да наполнат 67 години“, додаде тој.

Синдикатите, пак, оценија дека планот на министерката е едноставно нов начин за намалување на пензиите: многу работници нема да можат да работат до постара возраст поради здравствени причини, што ќе ги принуди на предвремено пензионирање и трајно намалување на приходите.

Борбата за пензиите

Договорот постигнат од двете владејачки партии во Германија – конзервативната Демохристијанска унија (CDU) и СПД – ветува дека сегашната возраст за пензионирање нема да се зголеми.

Наместо тоа, договорот наведува: „Сакаме поголема флексибилност во преминот од работа кон пензионирање“. Во пракса, „флексибилноста“ значи давање стимулации на луѓето да продолжат да работат по законската возраст за пензионирање. Ова вклучува мерки како што е таканаречената „Aktivrente“ (активна пензија), според која приходот до 2.000 евра месечно е ослободен од данок за оние над законската возраст за пензионирање.


Јан Шарпенберг, експерт за пензии во консултантската компанија „Financip“, е убеден дека германскиот пензиски систем итно има потреба од реформа, но дека дебатата за тоа станала напорна.

„Должината на работниот век е само еден од факторите што можат да се приспособат за да се реформира пензискиот систем со цел да се справи со демографската трансформација“ изјави Шарпенберг за ДВ. „Искрено, малку е заморно што истите аргументи за и против се повторуваат со години и децении, а нема вистинска реформа“, додаде Шарпенберг.

Иако се согласува дека зголемувањето на возраста за пензионирање би можело да стане неопходно, тој не негира дека во пракса тоа би значело намалување на пензиите за некои луѓе. „Реформата ќе успее само ако се комбинираат повеќе мерки“, истакна тој.

Како функционира германскиот пензиски систем

Системот за старосна граница за пензионирање во Германија е многу сложен. Во моментов, законската старосна граница е 65 години, но се планира да се зголеми на 67 до 2031 година. Сепак, оваа старосна граница зависи од годината на раѓање на поединецот и колку долго уплаќал во системот. Постојат исклучоци: на пример, лицата со попреченост или оние кои плаќале придонеси 45 години можат да се пензионираат порано.

Придонес од 18,6 отсто од бруто месечната плата на вработениот оди во државниот пензиски фонд, при што работодавецот и вработениот плаќаат по половина. Владата очекува оваа стапка на придонес да се зголеми на 22,3 проценти до 2035 година.


Јоханес Гајер, истражувач за јавни финансии во Германскиот институт за економски истражувања (DIW), истакна дека прашањето за старосната граница е толку спорно бидејќи различно влијае на работниците. „Многу луѓе не можат да замислат да работат по 67 години“, рече тој и додаде: Но, оние со можеби подобро платени работни места можат“.

Многу експерти веруваат дека тесното фокусирање на старосната граница е непродуктивно, бидејќи постојат многу начини за зголемување на придонесите во пензискиот систем.

На пример, една мерка би била подобрување на условите за грижа за децата, така што повеќе самохрани родители ќе можат да работат со полно работно време и со тоа да плаќаат повисоки придонеси. Друго решение би можело да биде олеснување и поттикнување на имиграцијата во Германија. Исто така, се предлага зголемување на бројот на луѓе што уплаќаат во јавниот систем на придонеси со вклучување на самовработените и државните службеници.

Како е во другите земји?

Германскиот пензиски систем е многу поразличен од оној во другите европски земји. На пример, во Данска, старосната граница за пензионирање е поврзана со очекуваниот животен век, па затоа автоматски се зголемува како што луѓето живеат подолго.

Во Шведска, придонесите на поединците се инвестираат на различни финансиски пазари, а потоа профитот се исплаќа кога ќе достигнат предвидена старост.


„Тоа помага да се распредели ризикот“, изјави Гајер и истакна: „Тие не се толку зависни од стареењето на сопственото население“. Од друга страна, во германскиот систем, придонесите на работниците одат во единствен фонд што ги финансира тековните пензии.

Гајер тврди дека, за разлика од другите европски земји, Германија не развила опции за приватно осигурување како комплементарни на државните пензии и кои би биле достапни за целото население, а не само за богатите.

Другите земји, како што рече, „Го направиле тоа многу подобро. Велика Британија, Холандија, Данска, Шведска – сите тие имаат задолжителни системи за осигурување со релативно ниски трошоци и добра добивка. Тоа недостасува во Германија“, заклучи Гајер.