[ФОТО] Најскапиот југословенски проект: Тајната воена база и подземниот аеродром зад кои се крие еден од најголемите митови за СФРЈ

Точка

06/08/2025

20:43

2.894

Големина на фонт

а а а

Под шифрираното име Објект 505, подземниот аеродром Жељава, на границата меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина, недалеку од Плитвички езера од едната и Бихаќ од другата страна, не престанува да го буди интересот на љубопитните.

Воената гигантска структура со тунели долги 3500 метри, широки 20 и високи 8 метри, претставува најголемиот подземен аеродром на Балканот. Изградбата започнала во 1955 година, а во 1968 година креацијата на Драгослав Сботка била подготвена за Југославија.


За најскапиот југословенски проект биле издвоени милијарди долари за да може да прими дури 120 авиони со екипажите и комплетниот арсенал на оружје, како и огромни резерви на гориво, храна, лекови и сè што било потребно во случај на катастрофа. Со сопствени извори на струја и вода, војската би можела да преживее еден месец во изолација од надворешниот свет. Воената тврдина била конструирана така што можела да издржи и нуклеарна бомба.


Жељава се користела и за време на Домовинската војна, по која останала само како куп бетон опкружен со мински полиња. На почетокот на војната во соседна Босна и Херцеговина, ЈНА одлучила да го уништи подземниот комплекс и во 1992 година поставила 56 тони експлозив. Бихаќ се стресол, а грмежот од длабочините на Пљешевица навести катаклизмичка сцена на пламен и чад на хоризонтот.

Интересот за Жељава не стивнува – љубопитноста ја разгоруваат опасните тунели што се под закана од уривање, полни со отровни и радиоактивни соединенија.


„Хјустон, имаме проблем“, филм на словенечкиот режисер Жига Вирц од пред неколку години, дополнително ги поттикна мистериите поврзани со Жељава и една од најголемите теории на заговор од времето на Студената војна и Југославија.


Документарецот ја обработува темата за тоа како Тито го продал југословенскиот вселенски програм на Американците, и дека тие во најголема тајност го развивале под земја, токму во аеродромот – за потоа да го испратат првиот човек на Месечината. Според таа теорија, Жељава би била најголемиот таен вселенски центар во Европа.


НАСА категорично ја демантираше оваа приказна и нагласи дека е апсурдно да се верува дека тогашниот претседател Џон Кенеди купил било што од Југославија, а најмалку – вселенска програма.


И покрај опасностите од мини, отровни гасови и полицијата, Жељава привлекува авантуристи кои возат по пистите и влегуваат во тунелите. Дали постои надеж некогаш да стане комплекс за одржување концерти или други настани, ќе дознаеме – некогаш, во иднина.