Светската здравствена организација (СЗО) нагласува дека најдобриот начин за борба против вирусот е отстранување на изворите на застоена вода за да се спречи размножување на комарци кои го пренесуваат.
Кинеската покраина Гуангдонг се соочува со епидемија на вирусот чикунгуња, болест што ја пренесуваат комарци, што ги принуди локалните власти да воведат строги мерки за контрола слични на оние што се користеа за време на пандемијата на Ковид-19. Од јули повеќе од 7.000 случаи биле пријавени, а речиси 3.000 се пријавени само минатата недела.
Најтешко погоден град е Фошан, каде што сите заразени лица се хоспитализирани и мора да останат во болница најмалку седум дена или додека не добијат негативен тест, пренесе Би-би-си. Нивните кревети се заштитени со мрежи против комарци, а дозволено им е да ја напуштат болницата само по строг медицински преглед.
Чикунгуња се пренесува преку каснување од заразен комарец и предизвикува висока температура, осип и силна болка во зглобовите што кај потешките случаи може да трае со месеци или дури и години. Вирусот не се пренесува од човек на човек, но паниката расте меѓу граѓаните бидејќи повеќето Кинези никогаш не биле во контакт со болеста. Хонг Конг го пријави својот прв случај во понеделник – 12-годишно момче кое развило симптоми по враќањето од Фошан.
Отстранување на застоена вода
Здравствените власти во покраината Гуангдонг ги повикаа жителите да ја отстранат целата застоена вода од своите домови, вклучително и водата во теглите за цвеќе, апаратите за кафе и шишињата, за да спречат размножување на комарците. Оние кои нема да го сторат тоа ризикуваат казна до 10.000 јуани (околу 1.400 долари).
Дополнително, биле воведени необични мерки: властите пуштија специјално одгледувани „слонови комарци“ кои се хранат со други комарци, а илјадници риби кои ги проголтуваат ларвите од комарци беа внесени во езерските системи на градот. Во делови од Фошан, се користат и беспилотни летала за откривање на извори на застоена вода. Некои соседни општини накратко воведоа задолжителен 14-дневен домашен карантин за патниците од Фошан, но мерката наскоро била повлечена.
Некои од мерките предизвикаа вознемиреност кај граѓаните, кои ги споредуваат со оние од ерата на Ковид-19. „Ова ми изгледа многу познато… но дали сето ова е навистина потребно?“, напиша еден корисник на популарната социјална мрежа Веибо. Друг иронично коментираше: „Која е поентата на карантинот? Заразените нема да одат наоколу и да касаат луѓе“.
За време на пандемијата на коронавирусот, Кина беше позната по своите строги мерки, вклучувајќи присилни карантини и целосно затворање на цели населби, што остави длабок белег во колективната меморија. Симптомите на чикунгуња обично се појавуваат три до седум дена по каснувањето од заразен комарец. Покрај треска и силна болка во зглобовите, може да се појават осип, главоболка, болки во мускулите и отечени зглобови.
Повеќето пациенти закрепнуваат во рок од една недела, но кај поранливите луѓе – новороденчиња, постари лица и лица со хронични заболувања – болеста може да биде потешка. Не постои специфичен лек за вирусот, а смртноста е исклучително ретка. Вирусот чикунгуња за прв пат бил откриен во 1952 година во Танзанија, а сега е присутен во повеќе од 110 земји. Иако е релативно чест во Јужна и Југоисточна Азија и Африка, досега беше практично непознат во Кина. Светската здравствена организација (СЗО) нагласува дека најдобриот начин за борба против вирусот е да се елиминираат изворите на застоена вода за да се спречи размножувањето на комарците што го пренесуваат.