Младите во Македонија спасот го гледаат надвор, бројот на вработени намален за 17.000, велат од СДСМ

Макфакс

06/08/2025

12:43

97

Големина на фонт

а а а

Последните податоци се алармантни, откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта во 2024 година, бројот на вработени лица во државата е намален за над 17.000 луѓе, истакна на прес-конференција Јовица Јанковиќ од СДСМ.

Ова, како што рече, не е само статистика. Ова, според него, е вистината зад илјадници човечки судбини, намален број работни места, заминати млади, уништени надежи, растечка сиромаштија.

„Ова е доказ за економскиот колапс, за хаосот на пазарот на труд, за целосната отуѓеност на власта од реалноста во која живее народот.

Младите во Македонија спасот го гледаат надвор, бројот на вработени намален за 17.000.

Младите во Македонија денес ја плаќаат највисоката цена за неспособноста и ароганцијата на Владата на Христијан Мицкоски.

Пазарот на труд се стеснува, продуктивното население а пред се младите заминуваат, а пензискиот систем е ставен под ризик“.

Наместо да креира услови за нови и добро платени работни места, за задржување на младите, Владата додава тој, со својата ароганција одбива секаков предлог за зголемување на минималната плата и стимулирање на раст на платите.

Младите заминуваат, истакнува Јанковиќ, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, а приоритетите на оваа власт се манго, папаја, луксузни патувања и тендери за блиски фирми.

„Секое трето дете во државата живее во сиромаштија. Половина милион граѓани живеат со плата под просечната.

Што направи Христијан Мицкоски за да им обезбеди подобри услови на овие луѓе? Што направи за младите да останат тука и да создаваат семејства, иднина, живот со достоинство?

Оперативниот план на Владата е само фасада и не е решение, со ограничен домет и краткорочен ефект за многу мал дел од невработените.

Проблемот е длабок и системски. Младите не гледаат перспектива со ВМРО-ДПМНЕ. Со години ги бројат парите од месец за месец и сè почесто го гледаат спасот надвор од Македонија.

Проблемот не се решава со партиски вработувања во администрација туку се продлабочува“.

СДСМ предупредува: ако не се смени курсот, ако не се застане веднаш со овие штетни политики – Македонија ја чека уште подлабока економска и социјална криза.