Хелсиншкиот комитет го осудува националистичкото скандирање на фудбалскиот натпревар меѓу Шкендија и Карабах

Макфакс

06/08/2025

12:45

192

Големина на фонт

а а а

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува сериозна загриженост и го осудува националистичкото и политизирано скандирање за време на фудбалскиот натпревар меѓу ФК Шкендија и Карабах, кој се одигра вчера во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

„И покрај апелите од јавноста и институциите за фер и спортско навивање, од трибините се слушнаа повици за „Голема Албанија“, „Чамерија“ и „Илирида“ пораки кои се далеку од манифестирање на спортски дух и придонесуваат за поттикнување меѓуетнички поделби, ја нарушуваат меѓуетничката кохезија, а имаат потенцијал да предизвика и злосторства од омраза“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Дополнително, велат од таму, загрижувачки е фактот што ваквите извици не доаѓале само од навивачката група „Балисти“, туку биле извикувани од дел од публиката и тоа во присуство на високи државни функционери.

Како што велат од Хелсиншки, на натпреварот присуствувале, претседателот на Собранието, Африм Гаши, вицепремиерот Изет Меџити министерот за економија, Валон Дурмиши, како и партиските лидери Али Ахмети и Арбен Таравари.

„И повторно ниту еден од овие високи функционери, за време на натпреварот не реагирал по повод навредувачките скандирања“, се наведува во соопштението.

Според Хелсиншкиот комитет, особено е дискутабилна изјавата на претседателот на Собранието, кој од една страна вели дека не ги слушнал повиците додека бил присутен на натпреварот, а од друга страна јавно им честитал на навивачите нарекувајќи ги „достоинствен пример за националните вредности“.

„Овие контрадикторни ставови испраќаат опасна порака за толеранција на говорот на омраза и политичко навивање на спортски терени. Осудата на говорот на омраза од страна на политичарите е еден од клучните фактори против ширењето на оваа појава бидејќи говорот на омраза произведува уште повеќе говор на омраза, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза“, се наведува во соопштението.

Хелсиншкиот комитет апелира до Министерството за внатрешни работи и надлежните институции итно да постапат во согласност со најавените мерки за санкционирање на ваквите испади. Според нив, селективната примена на законите, во зависност од етничката или политичката припадност на сторителите е неприфатлива и дополнително ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.

„Спортските натпревари мора да бидат место на взаемно почитување, фер игра и градење на соживот. За говорот на омраза и националистичките пораки нема место ниту на трибините, ниту во јавниот дискурс“, велат од Хелсиншкиот комитет.