Соработничка на Трамп откри дека верува во вонземјани: „Ќе ја споделиме вистината со народот“

Макфакс

07/08/2025

07:55

608

Големина на фонт

а а а

Тулси Габард изјави дека верува дека вонземјани постојат, балансирајќи помеѓу изразување на лични ставови и избегнување откривање доверливи информации од американската разузнавачка заедница.

Како директорка на Националната разузнавачка служба (DNI), таа рече дека има пристап до голема количина доверливи податоци и мора да биде „внимателна“ со тоа што го објавува во јавноста, пишува „Дејли Мејл“.

Во разговор со водителката на подкастот „Pod Force One“, Миранда Девајн, Габард, блиска соработничка на Доналд Трамп, беше прашана дали верува дека вонземјани постојат.

„Имам свои мислења и ставови“, одговори Габард. „Во оваа улога морам да бидам внимателна со тоа што споделувам.“

Но, кога директно ја прашаа дали лично верува во постоење на вонземјани и неидентификувани летечки објекти (НЛО), Габард одговори со „да“.

Темата за вонземјани и НЛО, денес познати како UAP (Unidentified Aerial Phenomena), е веќе децении центар на разни теории на заговор. Неколку членови на Конгресот моментално истражуваат што всушност федералната влада знае за тоа.

Минатата година, Пододборот на Претставничкиот дом за национална безбедност, граници и надворешни работи одржа неколку сослушувања на оваа тема.

Габард нагласи дека нејзиниот кабинет во моментов нема конкретни информации за вонземјани и НЛО кои би биле подготвени да ги споделат.

Сепак, таа вети дека ќе биде транспарентна пред американската јавност кога ќе дојде време за тоа.

„Продолжуваме да ја бараме вистината и ќе ја споделиме со американскиот народ“, рече Габард во подкастот на „Њујорк Пост“.

Како директорка на DNI, Габард ја надгледува координацијата меѓу 18 американски разузнавачки агенции.

Американците покажуваат сè поголем интерес за UAP и можноста за живот надвор од Земјата.

UAP не вклучуваат само потенцијални вонземјански објекти, туку и објекти како дронови.

Таа се осврна и на дроновите

Габард призна дека сè уште има многу прашања во врска со стотици дронови кои лани беа видени над Њу Џерси.

„Сè уште имам многу прашања за тоа“, рече во разговорот со Девајн.

„Слушнав официјална верзија, но лично ми остануваат многу нешта нејасни – бидејќи тоа не се случуваше само во Њу Џерси, туку и во други делови на земјата.“