[ФОТО] Цариниците со полни раце работа: Спречени обиди за криумчарење злато, лекови и суплементи - против три лица поднесени кривични пријави

Точка

07/08/2025

11:45

613

Големина на фонт

а а а

Царинската управа информира дека при контроли на неколку гранични премини се спречени обиди за криумчарење различни производи, меѓу кои златен накит, ботулински токсин, суплементи, цигари и обувки со заштитен знак.

На граничниот премин Богородица, мобилен царински тим заплени златен накит тежок 304 грама и вреден околу 1,3 милиони денари. Две патнички со македонско државјанство, кои патувале на релација Турција – Македонија, се сомничат за криумчарење, а против нив ќе бидат поднесени кривични пријави.


На Деве Баир, цариници открија 210 вијали ботулински токсин (DYSPORT и MASPORT 500) во патна торба на патник кој пристигнал со автобус од Истанбул. Супстанцата, која е под строг режим на увоз, била запленета, а лицето ќе биде кривично пријавено.


На Меѓународниот Аеродром Скопје, кај холандски државјанин се пронајдени 2.580 капсули суплементи „Afye“, скриени во куфер. Лицето се обидело да ја избегне контролата користејќи го зелениот канал.


При контрола на камион на Табановце, биле откриени 144 делови за земјоделски машини скриени во торби во кабината.

На Богородица, во фабричка празнина под приколката на празен камион-кипер биле пронајдени 21 штека цигари.

На преминот Дојран, запленети се 128 пара обувки со ознаки на заштитени трговски марки, пронајдени во товарно моторно возило натоварено со стока од Турција наменета за увозник од Косово.

На Аеродром Скопје, при контрола на пратка од Дубаи, биле откриени 74 ремчиња за смарт часовници кои не биле пријавени во царинската документација. Стоката е запленета, а ќе биде поведена соодветна постапка против увозникот.