Државниот завод за ревизија го објави извештајот за работењето на салата „Борис Трајковски“ за 2023 година. Во извештајот е наведено дека друштвото остварило приходи од закупнина во износ од 10,9 милиони денари преку 24 активни договори, но кај повеќето договори цените се намалени или останале непроменети во однос на почетните.
Во 2023 година, приходите од продажба на добра и услуги изнесувале 48,8 милиони денари, што е намалување од 3 проценти во споредба со претходната година, додека за 2024 година се очекува зголемување на приходите за 13 отсто.
Приходите од користење на различните објекти како пливачки базен, лизгалиште, мала сала, куглана, конгресна сала и пинг-понг центар бележат пораст, додека Аква паркот има пад на приходите и во 2024 година е затворен поради економска неплатливост и истекување на гарантен рок на опремата.
Во извештајот е посочена и неизвесноста околу функционирањето на соларниот систем кој бил набавен за загревање на пливачкиот базен, поради технички недостатоци.
Исто така, друштвото не остварува приходи од стопанисување со паркингот, иако има стекнато право на користење.
Во рамки на претседавањето со ОБСЕ во спортскиот центар, друштвото обезбедило логистичка поддршка на Министерството за надворешни работи, но ревизорите укажуваат дека не се доставени записи за изведените работи и инсталации, и тие сѐ уште не се ставени во владение на друштвото.
Ревизорите констатирале и други неправилности, како слабости во работењето со готовината, начинот на евидентирање на залихите на суровини и материјали, нецелосно извршен попис, непропишани прецизни надлежностите за Надзорниот одбор, слабости во актот за систематизација и актите со кој се уредува начинот на пресметка на платите.
Наведените состојби, неправилности и неусогласености од различна природа влијаат на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Се забележува и дека долгот од над 260 милиони денари кон Град Скопје за изградба на салата, направен во 2011 година бил отплатен дури во периодот 2019-2023 година. Друштвото работело со загуба, а средствата биле обезбедени од државниот буџет.
За надминување на констатираните недостатоци дадени се препораки до надлежните органи.