Џорџ Сорос е американски бизнисмен и инвеститор, основач на „Soros Fund Management“ и мрежата фондации „Open Society Foundations“. Роден во Будимпешта, ја преживеал нацистичката окупација, а во 1947 година емигрирал во Велика Британија, каде што дипломирал на Лондонската школа за економија.
На почетокот од кариерата работел во инвестициски банки во Лондон и Њујорк, а во 1970 година го основал својот сопствен хеџ-фонд, постигнувајќи исклучителни профити на девизните и финансиските пазари. Најпознат е по „Црната среда“, на 16 септември 1992 година, кога со шпекулација против британската фунта заработил околу една милијарда долари. Неговото богатство се проценува на околу 7,2 милијарди долари. Сорос финансира проекти поврзани со демократијата, човековите права и образованието. Поддржувачите го гледаат како застапник на отворено општество, додека критичарите го обвинуваат за политичко влијание преку капиталот.
Џорџ Сорос, кој денес, 12 август полни 95 години, се претставува како еден од најистакнатите светски филантропи. На веб-страницата „George Soros“, која е посветена нему, пишува дека има донирано повеќе од 32 милијарди долари од своето лично богатство за да го финансира работењето на Фондациите за отворено општество ширум светот. Тој е, исто така, основач и главен финансиер на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, водечки регионален центар за проучување на општествените науки.
Тие донации често биле насочени кон оние кои се соочуваат со дискриминација единствено поради тоа кои се. Сорос, меѓу другото, поддржувал групи кои ги претставуваат Ромите во Европа, како и други кои се на маргините на општеството, како што се корисници на дрога, сексуални работници и ЛГБТИ лица.
Се наведува и дека Сорос лично ја искусил таквата нетрпеливост. Роден во Унгарија во 1930 година, живеел за време на нацистичката окупација во 1944–1945 година, која резултирала со убиство на повеќе од 500.000 унгарски Евреи. Неговото еврејско семејство преживеало обезбедувајќи лажни идентификациски документи, криејќи го своето потекло и помагајќи им на други да го направат истото.
Како што комунистите ја зацврстувале власта во Унгарија по војната, Сорос во 1947 година ја напуштил Будимпешта и заминал за Лондон. Таму работел хонорарно како носач во железница и келнер во ноќен клуб за да ги финансира своите студии на Лондонската школа за економија.
А како што наведува „Бизнис инсајдер“, откако дипломирал, Сорос им пишувал „на секој генерален директор во секоја банка во Лондон” барајќи разговор за работа, но добил „само еден или два одговора”. Сорос го опишува овој период како „најниската точка” во неговиот живот, бидејќи бил понижен на интервјуата за работа. Морало да прифати работа како продавач кај големопродажник на луксузна стока. На крајот добил работа во „Singer & Friedlander“, банка во Лондон, како службеник. Изјавил дека „Singer“ го вработил затоа што неговиот генерален директор бил Унгарец.
Во официјалната биографија се наведува и дека Сорос во 1956 година емигрирал во Соединетите Американски Држави, каде што влегол во светот на финансиите и инвестициите и го стекнал своето богатство.
Во 1970 година го покренал сопствениот хеџ-фонд, „Soros Fund Management“, и станал еден од најуспешните инвеститори во историјата на САД.
Фирмата на Сорос применувала стратегија на вложување со висок ризик и висока добивка, која често вклучувала шпекулации со девизни флуктуации и движења на пазарот.
Денес „Форбс“ проценува дека Сорос има богатство од 7,2 милијарди долари. Сепак, можеби е најпознат по тоа што „ја урнал Банката на Англија“.
Најверојатно, Сорос ја „скршил Банката на Англија” и предизвикал „Црна среда” во Обединетото Кралство во септември 1992 година, како резултат на масовните облози што ги направил против британската фунта, пишува „Инвестопедија“.
Сорос станал скептичен кон одлуката на Велика Британија да се приклучи на Европскиот механизам на девизниот курс (ERM), кој ги фиксирал девизните курсеви во однос на германската марка.
На 16 септември 1992 година, ден познат како „Црна среда“, шпекулантите ја принудиле британската влада да ја повлече фунтата од ERM.
Како последица на тоа, фунтата брзо девалвирала, што на Сорос и неговиот Квантум фонд му донело проценет профит од една милијарда долари.
Како што наведува „Британика“, Сорос ја стекнал својата репутација благодарение на успешните облози против различни валути, а најпознатата е токму онаа против британската фунта во 1992 година. Тој ја продавал валутата на кратко, обложувајќи се дека нејзината вредност ќе падне, а потоа ја откупувал по девалвацијата, остварувајќи профит.
Кај радикалната десница, Сорос е омразен исто колку и Клинтонови. Тој е еден од најголемите финансиери на Демократската партија во Америка и го поддржувал и последниот демократски претседател, Џо Бајден.
Велат и дека тој е клуч што одговара на секоја брава. Неговото име предизвикува „емоционален крик кај публиката гладна за одмазда“, изјавил еден поранешен републикански конгресмен за „Вашингтон пост“. Тие го гледаат како „некој вид злокобен човек што делува од сенка“. Оваа антисемитска карикатура на Сорос го следи со децении. А во подоцнежните години се развила во нешто што повеќе наликува на негативец од филмовите за Џејмс Бонд, пишува „Гардијан“.
Денес Сорос е еден од најбогатите луѓе во светот и, заедно со Бил Гејтс и Марк Цукерберг, е еден од политички највлијателните луѓе во САД. Но, за разлика од Гејтс и Цукерберг, Сорос одамна ја истакнува академската филозофија како свој извор на инспирација.
Мислата и филантропската кариера на Сорос се организирани околу идејата за „отворено општество“, термин што го развил и популаризирал Попер во своето класично дело „Отвореното општество и неговите непријатели“. Според Попер, отворените општества гарантираат и штитат рационална размена, додека затворените општества ги приморуваат луѓето да се покоруваат на авторитетот, било тој религиски, политички или економски.
Притоа, Сорос е познат по своето верување во придобивките од глобализацијата, особено кога станува збор за економски развој и меѓусебна поврзаност.
Во текот на изминатите децении, Сорос си стекнал непријателство од новата „нелиберална елита“ – Владимир Путин, Реџеп Таип Ердоган, Виктор Орбан – а исто така станал и „баук“ за крајната десница во Соединетите Држави.
И во САД и во странство, огромното богатство на Сорос (особено стекнато со тргување со валути), неговото еврејско потекло и финансиската поддршка на либералните цели поттикнале разни теории на заговор.
Неговите противници често го нарекуваат глобалист, еден од членовите на наводна заговорничка група чија, според тие теории, цел е да го уништи суверенитетот на Соединетите Држави, пишува Си-Ен-Ен.
Додека го набљудувал падот на Советската империја помеѓу 1989 и 1991 година, Сорос морал да одговори на едно клучно стратешко прашање: сега, кога затворените општества на Источна Европа се отвораат, што треба да направи неговата фондација?
Пред самиот распад на Советскиот Сојуз, Сорос ја објавил ажурираната верзија на Отворањето на советскиот систем, под наслов „Поддршка на демократијата“, во која ја открил својата нова стратегија: ќе се посвети на изградба на трајни институции што ќе ги одржуваат идеите кои ги мотивирале антикомунистичките револуции, додека истовремено ќе ги моделира практиките на отвореното општество за ослободените народи на Источна Европа.
Најважната од тие институции бил Централноевропскиот универзитет (CEU), отворен во Будимпешта во 1991 година и финансиран од Сорос. CEU бил замислен како извор на нов, транснационален европски свет – и како центар за обука на новата, транснационална европска елита.
Како Сорос можеше да осигура дека новоотворените општества ќе останат слободни? Тој пораснал во ерата на Маршалов план и лично ја искусил американската великодушност во послевоен Лондон. За него, тоа искуство покажало дека слаби и исцрпени општества не можат да се обноват без значајни инвестиции од странска помош, која би ги ублажила екстремните услови и би обезбедила минимална материјална основа што ќе овозможи вистинските идеи за демократија и капитализам да успеат.
Од таа причина, крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години, Сорос повеќепати тврдел дека „само deus ex machina од западна помош“ може да го направи источниот блок трајно демократски.
„На луѓето кои целиот живот го живееле во тоталитарен систем,“ тврдел тој, „им е потребна надворешна помош за да ги претворат своите стремежи во реалност.“
Сорос инсистираше дека САД и Западна Европа треба да им обезбедат значајна финансиска помош на земјите од Источна Европа, да им овозможат пристап до заедничкиот европски пазар и да промовираат културни и образовни врски меѓу Западот и Истокот „кои му припаѓаат на плуралистичко општество“. Откако тоа ќе се оствари, според Сорос, Западна Европа мора да ја прифати Источна Европа во европската заедница, што би спречило идни поделби на континентот.
Повиците на Сорос не беа прифатени. Од 1990-тите наваму, тој појавата на клептократија и хипернационализам во поранешниот источен блок ја припишува на недостатокот од визија и политичка волја на Западот.
„Демократиите,“ жалел тој во 1995 година, „изгледа страдаат од недостаток на вредности … [и] често се непоколебливи кога треба да трпат било каква болка, освен ако нивните витални интереси не се директно загрозени.“
За Сорос, Западот не успеал во својот епохален предизвик и со тоа ја покажал својата кратковидост и неспособност.
Но, нешто повеќе од недостатокот на политичка волја го ограничувало Западот во тој период. Во ерата на „шок терапијата“, западниот капитал навистина влегол во Источна Европа, но тој капитал најмногу бил вложен во приватната индустрија, наместо во воспоставување демократски институции или изградба на заедница, што му помогнало на клептократите и антидемократите да ја преземат и задржат власта.
Сорос го идентификувал клучниот проблем, но не успеал да сфати како логиката на капитализмот, која нагласува профит над се, неизбежно ќе го поткопа неговиот демократски проект. Тој останал премногу врзан за системот кој го освоил.
Во текот на својата кариера, Сорос направил низа возбудливи интервенции, пишува „Гардијан“. Сепак, од демократска гледна точка, способноста на овој поединечно богат човек да ги обликува јавните работи е катастрофална. Сам Сорос признал дека „врската помеѓу капитализмот и демократијата е во најдобар случај кревка.“
Проблемот за милијардерите како него е што прават со оваа информација. Отвореното општество замислува свет во кој сите ја препознаваат човечноста еден на друг и се однесуваат еден кон друг како рамноправни. Меѓутоа, ако мнозинството луѓе се борат за последните парчиња од сè помалата пита, тешко е да се замисли како можеме да изградиме свет во кој Сорос и многу други би сакале да живеат. Во моментот, космополитските соништа на Сорос остануваат токму тоа — соништа.
Прашањето зошто е тоа така, и одговорот може да биде дека отворено општество е возможно само во свет каде никому — било тоа Сорос, Гејтс, Цукерберг, Маск или Безос — не му е дозволено да стане толку богат колку што е тој.
Според „Гардијан“, Сорос зборува со благо унгарско нагласување кое го задржал од младоста, а неговиот манир на однесување потсетува на психолог или професор. Неговото сиво одело на тенки пруги е единствениот артефакт од светот на финансии.
Неговиот дом во Лондон е елегантна куќа со четири ката во Кенсингтон, која ја купил во 1987 година. На фасадата на куќата виси сина плоча што го бележи престојот на познатиот викторијански историчар. Во дневната соба краси голема фотографија на Сорос додека ја прима почесната докторска титула, но, доколку ги заборавите батлерот и локацијата на куќата, оние што ја посетиле велат дека во неа нема ништо преголемо раскошно.
Сорос се опишува како „единствениот американски државјанин со своја надворешна политика“. Тој е „државник без држава“, а според неговата биографија (Soros: The Life And Times Of A Messianic Billionaire од Мајкл Кауфман), бил во трка за Нобелова награда за мир заради својот филантропски труд во Источна Европа. Претходно изјавил дека неговата опклада против фунтата да остане во механизамот за девизни курсеви била намерна акција за создавање платформа за неговите идеи. Вели дека знае каде се закопани скелетите во меѓународниот финансиски систем.
„Почнав поради моите искуства под нацизмот и комунизмот, но тогаш сфатив дека парите го движат светот, па помислив дека можам и јас да заработам пари ако сакам да имам било какво влијание врз светот. Никогаш не би можел да дадам пари ако не сум ги заработил, затоа што не ги наследив. Прво беше заработување пари и бев прилично фокусиран на тоа. Но, кога ги заработив, можев да се посветам на моите општествени загрижености.“
Сорос бил во брак три пати. Во 1960 година се оженил со Анализ Вичак (родена на 3 јануари 1934). Се развеле во 1983 година. Тие имаат три деца: Роберт Даниел Сорос, Андреа Сорос Коломбел и Џонатан Тивадар Сорос
Неговата втора сопруга била Сузан Вебер, со која бил во брак од 1983 до 2005 година.
Во 2008 година, Сорос ја запознал Тамико Болтон; се венчале на 21 септември 2013 година. Со неа има две деца – Грегори Џејмс Сорос и Александар Сорос.
Во меѓувреме, Сорос поминал пет години со Адријана Фериер, со која се запозна во 2006 година.
Адријана тврдела дека почнала да се забавува со Сорос во 2007 година и дека на Нова Година 2010 година тој ѝ ветил дека ќе ѝ купи стан во Њујорк вреден два милиони долари.
Според пишувањето на BBC, таа изјавила дека Сорос подоцна го прекршил ветувањето, кажувајќи ѝ дека станот го дал на друга девојка. Исто така, за време на расправија, тој се обидел да ја удри со ламба, при што парчиња стакло ѝ се забиле во стопалото.
На 10 август 2011 година, Фериер поднела тужба вредна 50 милиони долари против Сорос, обвинувајќи го за измама, вознемирување, емотивен стрес и физички напад. Таа година, Сорос се обидел да ја отфрли тужбата, но не успеал. Во март 2013 година, тој ја тужел Фериер за клевета и физички напад. На 1 април 2014 година, Сорос добил делумно отфрлање на тужбата на Фериер; апелациониот суд едногласно ги отфрлил нејзините обвинувања за измама и емотивен стрес, но не и тужбата за физички напад.
Во јуни оваа година, светските медиуми пренесоа дека Сорос не присуствувал на венчавката на својот син Алекс Сорос и асистентката на Хилари Клинтон, Хума Абедин. Меѓутоа, тој бил присутен на помала семејна служба еден ден претходно, која според извештаите, била водена од рабин и имам како знак на почит кон муслиманската вера на Абедин и еврејското потекло на Сорос.
Како што пишува BBC, пред две години Сорос му го пренел своето богатство на својот син Алекс.