Пред 32 години, филмот „Cool Runnings“ ја раскажа приказната за репрезентацијата на Јамајка во боб, која дебитираше на Зимските олимписки игри во Калгари во 1988 година, со што овој спорт стана тема и за пошироката јавност во карипската нација. Со текот на времето, Јамајка се етаблираше во бобот, а атлетичарите спринтери, благодарение на својата експлозивна брзина на стартот, често преминуваа во оваа дисциплина.
Во пресрет на Зимските игри во Кортина и Милано се појавува ново поглавје од таа приказна. Јамајчанката Кристаниа Вилиамс (30) сега е официјално австриска државјанка и се очекува да настапи за Австрија во женскиот двосед во боб. Бидејќи во својата татковина не успеа да пронајде партнерка, таа го смени државјанството за да го реализира својот олимписки сон.
Од атлетска писта до ледена патека
Вилијамс е атлетска репрезентативка која настапи за Јамајка на Олимписките игри во Рио 2016. Таа има сребро од Олимпијадата и бронза од Светското првенство во штафетата 4×100 метри, со што влегува во редот на спортистки кои имаат потенцијал да настапат и на летни и на зимски Игри.
Австрискиот боб-тим сè уште треба да ги исполни квалификациските норми. Вилијамс треба да се натпреварува заедно со Катрин Беиерл, со која веќе имаше заеднички настапи на почетокот на годинава. По околу шест месеци чекање, таа ги доби австриските документи. Во боб влезе првпат пред нешто повеќе од една година.