Не го дочека ниту третото коло во Германија: Баер Леверкузен го „шутна“ Тен Хаг со две реченици

Дерби

01/09/2025

14:49

763

Големина на фонт

а а а

Вчерашните најави од Германија се обвистинија денеска точно на пладне, па така Ерик Тен Хаг од денеска и официјално повеќе не е тренер на Баер Леверкузен.

Човекот кој од раководните луѓе на Леверкузен беше избран како идеален наследник на Чаби Алонсо не издржа ниту три месеци, или поточно, не успеа да го дочека ниту третото коло во германската Бундеслига.

„Фармацевтите“ проценија дека паузата поради репрезентативна пауза е вистинско време за да се направи позитивен шок со тренерска смена, откако водечките структури на клубот останале разочарани од начинот на кој Холанѓанецот го води тимот, но и атмосферата која ја создал во соблекувалната.

Германскиот вицешампион освои само еден бод во воведните две рунди во Бундеслигата, но начинот на кој испушти победа против Вердер Бремен беше најблаго кажано драматичен.

Леверкузен водеше со 1:3 и имаше играч повеќе на теренот, но Вердер со десет фудбалери постигна два гола и дојде до реми и бод.

– Баер Леверкузен се разделува со тренерот Ерик Тен Хаг и одлуката стапува на сила веднаш. Денешниот тренинг ќе биде воден од помошниот тренерски персонал, – гласи објавата на Леверкузен.