Принцезата Дијана е сè уште синоним за елеганција, а нејзините внуки, Лејди Амелија и Лејди Елиза Спенсер, очигледно го наследиле нејзиното чувство за стил.
Преубавите близначки, кои се и манекенки, се појавија на Венецијанскиот филмски фестивал во речиси идентични креации што предизвикаа вистинска „бура“ меѓу модните критичари.
За премиерата на филмот „After The Hunt“ со Џулија Робертс, сестрите носеа проѕирни фустани во пастелни тонови од „Capellazzo Atelier“ и предизвикаа вистинска сензација.
Тие избраа речиси идентични фустани од тул, а многумина забележаа дека нивниот моден избор бил омаж кон една од најпознатите комбинации што нивната позната тетка ја носела пред речиси четири децении.
За потсетување, во 1987 година, Дијана блесна на Канскиот филмски фестивал во фустанот од тул без прерамки на дизајнерката Кетрин Вокер, со елегантна наметка што се вееше на ветрот. Тој стајлинг бил инспириран од легендарната Грејс Кели и нејзината улога во „Фатете го крадец“.
Овој пат, наследничките на Дијана побарале инспирација во нејзиното модно наследство, Елиза блесна во проѕирен светлосин фустан со наметка закопчана околу вратот, речиси идентичен со оној што го носела принцезата.
Косата ѝ беше собрана во пунџа, а изгледот го надополни со син дијамантски накит.
Амелија, од друга страна се одлучи за романтична варијација, истата кројна линија во розова нијанса, со наметка префрлена преку предниот дел од фустанот. Околу вратот носеше раскошен ѓердан што му даде на целиот изглед дополнителна доза на софистицираност.
Креациите беа толку транспарентни што дискретно ја откриваа долната облека на познатиот италијански бренд „Intimissimi“.
Нивното модно појавување се случи непосредно пред годишнината од смртта на Дијана на 31 август, што го направи нивниот стајлинг уште поемотивен и помоќен.
Инаку, ова не е прв пат близначките внимателно да го усогласат нивниот стајлинг за црвениот килим. На Канскиот филмски фестивал во мај оваа година, тие исто така носеа усогласени фустани.
Од друга страна двете се одлучија и за слична шминка – бронзени сенки, руменило во боја на праска и кармин во нежно розова нијанса.
Нивното појавување во Венеција овој пат беше многу поусогласено отколку во 2021 година, кога за прв пат стапнаа на црвениот килим на фестивалот. Тогаш Амелија се одлучи за црн фустан од Алберт Ферети со кристали, а Елиза за светлорозов модел без прерамки од истиот дизајнер.
„Тоа ни доаѓа сосема природно, бидејќи нашите вкусови се неверојатно слични. Често се случува самостојно да избираме исти фустани“ откри Амелија во интервју за „W Magazine“.