Лазаров без влакна на јазикот ги подбра своите миленици: Постојат добри и лоши играчи, јас немам време за губење!

Дерби

07/09/2025

09:19

2.405

Големина на фонт

а а а

Алкалоид не се посрамоти и претрпе тесен и минимален пораз од Хановер со резултат 29:28, но реалноста е дека тимот од Автокоманда во најмала рака испушти реми на реванш баражот за пласман во Европската лига на ЕХФ.

Нереализираните пенали и промашените зицери направија тимот на Кирил Лазаров одново да претрпи пораз од бундеслигашот, па иако станува збор за тим со големо реноме, тренерот на Алкалоид ја искористи прес-конференцијата за да испорача критики за своите играчи.

Иако не сакаше да именува, Кире порача дека е разочаран од неколку свои ракометари, па пред новинарите говореше без влакна на јазикот и со сериозен тон кој сигурно ќе допре до секој првотимец во Алкалоид.

– Малку сум разочаран од одредени играчи. Македонската лига е едно, ЕХФ Куп е друго, а Европска лига е трето, речиси на ниво на Лига на шампиони. Само на вакви натпревари може да видите до каде сте стигнале, искрено сум малку разочаран и имам доста дилеми кои досега ги немав. Подобро да се случи сега, отколку подоцна, добро е да знаеме до каде сме. Клубот има јасна стратегија, знае што сака и како сака, а играчите мора да возвратат.


– Ова се силни натпревари, не знам зошто бевме толку импресионирани, не знам зошто промашувавме зицери. Според статистиката, сме имале 24 чисти позиции и од одредени играчи сум разочаран. Ова е европско ниво и моите очекувања се големи, но ова сега ме става во дилеми за понатаму, ме става во дилеми за тоа што и како ќе правиме во иднина.

– Ментално сме слаби, на што се должи тоа треба искрено да се анализира. Не се посрамотивме, но зошто да не реализираш пенал кога водиш два гола разлика, или зошто да не реализирате за реми на крајот на натпреварот и да претрпите пораз. Не знам зошто имаме комплекс од поголеми екипи. По крајот на натпреварот, забележав и една работа.

– Играчите кои беа резерви и кои добија помала минутажа во Хановер, по крајот самите си организираа тренинг, и тоа не било каков. Самоиницијативно го направија тоа без кондиционен тренер. Дали знаете кога некој наш ракометар ќе иницира такво нешто. Тие патувале до тука, а ако не играат и не тренираат, овој ден за нив е изгубен. За да останат во ритам, одработија тренинг и така се работи на страна. И јас сум го правел тоа, сум работел индивидуално, но сега се е на туркање и молење. Имаме одлични услови, имаме кондиционен тренер, но се е со туркање и молење, поради такви работи немаме спорт, – остро порача Лазаров.

– За мене нема млади и стари ракометари, има добри и лоши играчи. Или со добар со 18 и 42 години, или не си добар. Ние даваме многу шанси, но очекуваме да ни се врати како што треба. Мора да бидам критичен, мора да одиме напред. Јас не сакам да тапкаме во место, едноставно немам време за губење, – нагласи тренерот на Алкалоид.