Серхио Агуеро беше еден од напаѓачите кој ја одбележа втората деценија од 21 век и тоа носејќи го дресот на Манчестер Сити.
Тој на „Итихад“ се задржа десет години, период кој беше супер успешен за него и за клубот.
Инаку Аргентинецот е ас кој навистина одлично се снајде во Англија и покрај тоа што мораше да се бори со дефанзивни „џинови“ затоа што тој е висок само 173 сантиметри. Меѓутоа тоа ниско тежиште, Кун знаеше да го искористи, да профитира, да биде на највисоко ниво.
Секако мораше да води многу борби, а двајца играчи дефинитивно му оставиле најголем впечаток и се најтешките противници во кариерата-тоа се Рио Фердинанд и Вирџил Ван Дајк.
- Би рекол дека Фердинанд беше мојот најтежок противник. Тој е целосен пакет како централен дефанзивец, некој на кој секогаш морав да внимавам.
- Што се однесува до моите подоцнежни сезони, тоа би бил Ван Дајк. Фантастичен спринтер, со многу карактер во начинот на кој играше. И доста тешко да се надмудри. Тој ќе ме пратеше и штом ќе направев потег, Ван Дајк ќе ми парираше и ќе ми ја украдеше позицијата. Мислам дека двајцата се одлични дефанзивци и меѓу најдобрите што ги имала Премиер лигата, - вели Агуеро.