Исландската нискобуџетна авиокомпанија „Плеј“ објави моментален прекин на работењето поради недостаток на финансии.
„Плеј“ во соопштението наведува долготрајни финансиски резултати под очекуваните, слаба продажба на карти во последната недела и промена во стратегијата на компанијата кои предизвикале незадоволство кај дел од вработените, пренесува „Фигаро“.
Компанијата покривала околу 30 дестинации од Исланд, главно во Европа, а имала и чартер летови за други авиопревозници.
„Со запирање на работењето, илјадници патници ќе мора да ги реорганизираат своите повратни патувања, околу 400 луѓе ќе ја изгубат работата, а партнерите на компанијата ќе претрпат загуби“, додале од „Плеј“.
Патниците кои ги интервјуирала исландската телевизија „РУВ“, изјавиле дека за веста дознале дури кога дошле на аеродромот „Кефлавик“ за да се качат на својот лет.
Исландската влада не очекувала ваков нагол крах на компанијата, изјавил министерот за инфраструктура Ејолфур Армансон.
Друга исландска авиокомпанија, „Ајсландер“, најавила дека разгледува додавање нови летови за да ги преземе патниците блокирани во странство кои имале карти од „Плеј“ за враќање дома.