Шпанската агенција за заштита на податоци (AEPD) ѝ изрече казна од 70.000 евра на компанијата „LVMH Iberia“ поради додавање на приватниот број на вработена во службена „WhatsApp“ група – без нејзина претходна согласност.
Во текот на работниот однос, вработената била принудена да го користи својот приватен мобилен телефон за извршување на работни задачи, бидејќи ветениот службен телефон не ѝ бил навремено доделен. Притоа, како што тврди, нововработените добиле службени уреди пред неа.
На почетокот на својот годишен одмор, таа одлучила да ги напушти сите службени „WhatsApp“ групи, за што претходно ги известила своите претпоставени – и усно и по електронска пошта. Во пораката напишала:
„Причината за овој мејл, како што веќе им кажав на некои од вас лично, е што од сабота одам на годишен одмор и повеќе нема да го користам мојот приватен телефон за работни цели, како досега, поради доцнењето во добивањето на службениот телефон ICON. Се надевам дека наскоро ќе го добијам службениот телефон, а дотогаш ќе контактирам само со постојните клиенти, без да го давам мојот број на нови клиенти, и ќе го носам телефонот со мене само доколку треба да бидам достапна на продажното место. Ќе излезам од групите до крајот на работниот ден во петок“.
И покрај јасната најава, само неколку дена по започнувањето на одморот, некој од фирмата повторно ја додал вработената во службената „WhatsApp“ група – без никакво претходно известување или барање согласност. Нејзиниот број останал во групата неколку недели, сè додека истата личност не ја отстранила вработената – во момент кога таа веќе била отпуштена.
Поради тоа, вработената одлучила да поднесе пријава до „AEPD“, сметајќи дека ѝ е нарушена приватноста и правото на дигитално исклучување.
Компанијата „LVMH Iberia“ се бранела со тврдење дека вработената никогаш не побарала трајно исклучување од службените групи, туку само за време на годишниот одмор. Во одговорот на пријавата, навеле дека го „почитувале нејзиниот избор за привремено повлекување од комуникацијата“, и дека ја „сфатиле сериозно нејзината приватност“.
Сепак, „AEPD“ зазела јасен став – користењето на приватен број без експлицитна согласност претставува прекршување на Општата уредба за заштита на податоци (GDPR).
„Документацијата јасно покажува дека компанијата го користела приватниот број на вработената за да ја вклучи во „WhatsApp“ група без нејзина согласност“, стои во одлуката.
Дополнително, Агенцијата истакнала дека е прекршено и правото на дигитално исклучување, бидејќи вработената била вклучена во работна комуникација за време на својот годишен одмор, со што ѝ било нарушено правото на одмор и приватно време.
Иако првичната казна изнесувала 70.000 евра, „LVMH Iberia“ ја искористила законската можност за намалување на износот и платила 42.000 евра поради признавање на вината и прифаќање на одлуката.
Овој случај уште еднаш потсетува на важноста од почитување на правата на вработените во дигиталната ера – особено кога станува збор за користење на лични податоци за службени цели без јасна и претходна согласност.