Познатиот американски инвеститор и автор на бестселерот „Богат татко, сиромашен татко“, Роберт Кијосаки, повторно ја изненади финансиската јавност со објава на социјалната мрежа „X“, тврдејќи дека најголемиот економски крах во историјата на светот ќе го погоди пазарот годинава.
„Пензиите на „бејби бум“ генерациите ќе бидат избришани, многумина ќе oстанат дома или ќе живеат во подруми со своите деца. Тажно“, напишал Кијосаки во пораката која привлекла огромно внимание меѓу неговите следбеници.
Авторот на книгата „Богат татко, сиромашен татко“, го повторил своето претходно предупредување дека не треба да штедиш во „пари“ туку да вложуваш во реални средства.
„Со години говорам, штедењето готовина е патот до загубата. Инфлацијата парите кои ги штедиш ги претвора во ѓубре“, истакнал тој.
Кијосаки ги советувал инвеститорите да разгледаат вложување во злато, сребро, биткоин и етериум, но особено се издвојуваат среброто и етериумот како моментално најповолни опции.
Верувам дека среброто и етериумот се најдобри затоа што не се само чувари на вредноста туку имаат и индустриска примена, а нивните цени сега се ниски“, напишал тој.
Кијосаки порачал дека секој треба да ги истражи предностите и мааните за различни инвестиции, да ги слушне критичарите и да донесе одлука врз основа на личната финансиска мудрост.
„Така се зголемува финансиската интелигенција и се станува богат“, заклучил авторот.