Мате Римац планира да го купи уделот на „Порше“ и потполно да го преземе „Бугати Римац“

Точка

17/10/2025

14:36

1.942

Големина на фонт

а а а

Мате Римац потврди дека групацијата Римац е во преговори за купување на уделот на „Порше АГ“ во заедничката компанија „Бугати Римац“, со цел постигнување договор до следната година.

Римац кој е најголемиот поединечен акционер во својата групација, сака да ја преземе целосната контрола за да може самостојно да донесува долгорочни одлуки, пишува „Bloomberg Adria“.

Желба за независно донесување одлуки

„Не е тајна дека сме во преговори“, рече Римац во интервју во Сингапур, давајќи го најдеталниот опис на можната трансакција. Главниот мотив за овој потег, како што рекол е поголема агилност и слобода во бизнисот.


„Само сакам да можам да донесувам долгорочни одлуки, да инвестирам долгорочно и да ги правам работите на поинаков начин, без да морам да им објаснувам на 50 луѓе“, објаснил тој.

Поддршка од инвеститори и детали за понудата

Компанијата „Бугати Римац“ е основана во 2021 година како заеднички проект на групацијата „Римац“ и „Порше“ за производство на хиперавтомобили. Според Римац, Порше претходно се обидел да ја преземе мнозинската контрола.


Сега ситуацијата е обратна – Римац сака да го откупи 45-отстотниот удел на „Порше“, а за ова има поддршка од неименувана меѓународна група инвеститори и приватни инвестициски фондови, пренесе „Bloomberg Adria“.


Римац дал прелиминарна понуда за 45-отстотен удел на Порше, проценувајќи го заедничкото вложување на нешто над 1 милијарда евра, според луѓе запознаени со ова прашање.

Комплексни преговори

Римац е свесен за сложеноста на преговорите со голема корпорација зад која стои семејството Порше-Пиех. „Кога преговарате со корпорација, има толку многу фактори. Ова се семејства, ова се повеќе семејства. Тоа е емотивна тема“, изјавил Римац.


Потсетуваме, Римац ја основал својата компанија во 2009 година и оттогаш се фокусирал на развој на целосно електрични хиперавтомобили и производство на компоненти за други автомобилски гиганти.