Неочекуваниот ефект на Ковидот врз спермата: „Може да влијае на милиони деца ширум светот“

Точка

18/10/2025

13:52

1.032

Големина на фонт

а а а

Нова студија покажува дека сите потомци на татковци заразени со ковид покажале поанксиозно однесување во споредба со потомците на незаразените татковци.

Инфекцијата со ковид-19 предизвикува промени во спермата кај глувците коишто можат да ја зголемат вознемиреноста кај нивните потомци, според студија објавена во списанието „Природни комуникации“ (Nature Communications), што укажува на можни долгорочни ефекти од пандемијата врз идните генерации.

Истражувачите од Институтот Флори за невронаука и ментално здравје во Мелбурн, Австралија, заразиле машки глувци со вирусот што предизвикува ковид, ги спариле со женки и го процениле влијанието врз здравјето на нивните потомци.


„Откривме дека потомците покажале понаксиозно однесување во споредба со потомците на незаразените татковци“, рекла првата авторка на студијата, Елизабет Климан.

Студијата открила дека сите потомци на татковците заразени со ковид ги покажале овие промени. Конкретно, женките покажале „значајни промени“ во активноста на одредени гени во хипокампусот, делот од мозокот што ги регулира емоциите.

Долгорочното влијание на ковид врз однесувањето на идните генерации

Ова „може да придонесе за зголемената анксиозност што ја забележавме кај потомството, преку епигенетското наследување и изменетиот развој на мозокот“, рекла коавторката на студијата, Каролина Губерт.


Истражувачите информирале дека нивната работа е прва од ваков вид што го покажува долгорочното влијание на инфекцијата со ковид врз однесувањето и развојот на мозокот во подоцнежните генерации. Откриено е дека вирусот ги променил молекулите во РНК во спермата на таткото, од кои некои „се вклучени во регулирањето на гените за кои се знае дека се важни во развојот на мозокот“, објасниле од Институтот.

„Овие наоди сугерираат дека пандемијата на ковид-19 може да има долготрајни ефекти врз идните генерации. Но, потребни се понатамошни истражувања, вклучително и дали истите промени се случуваат кај луѓето“, рекол водечкиот истражувач Ентони Ханан.

Негативно влијание врз милиони деца низ целиот свет


„Ако нашите наоди се пренесат на луѓето, тоа би можело да влијае на милиони деца низ целиот свет и на нивните семејства, со големи импликации за јавното здравје“, додал тој.

Познато е тоа дека пандемијата на ковид, која се случи на почетокот на 2020 година, предизвика повеќе од седум милиони смртни случаи низ целиот свет, според Светската здравствена организација (СЗО). Вистинскиот број на жртви е веројатно многу поголем, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).


Познато е дека и болеста и официјалните одговори на неа имале длабоко влијание врз менталното здравје низ целиот свет. Истражувањата покажаа дека помладите луѓе, кои беа принудени на изолација во текот на клучниот социјален период од нивниот живот, претрпеле најголем удар врз нивното ментално здравје.

Преглед на околу 40 студии во 15 земји, објавен во рецензирано списание „Природа на човечкото однесување“ (Nature Human Behavior) во 2023 година, покажа дека децата сè уште не ги надоместиле празнините во учењето предизвикани од прекините во нивното образование во текот на пандемијата.