Француската репрезентативка во бијатлон, Јулија Симон (29), во петокот е осудена на условна казна од три месеци затвор и парична казна од 15.000 евра за измама и кражба со кредитни картички, со што нејзиното учество на Зимските олимписки игри Милано-Кортина следната година е доведено во прашање.
Победничката на Светскиот куп во 2023 година и една од најголемите надежи на Франција за медал во биатлон на престојните Олимписки игри ги призна делото пред Кривичниот суд во Албертвил и им се извини на своите жртви, колешката од националниот тим Жастин Браисаз-Буше и физиотерапевтот на репрезентацијата.
„Жал ми е. Не можам да го објаснам мојот гест. Морав да соработувам со психолог за да го разберам ова и да пораснам од ова“, рече најуспешната Французинка во историјата на Светското првенство во биатлон со десет титули, вклучувајќи четири индивидуални.
Симон е обвинета за постојано користење на банкарските картички на своите жртви со кои делела соби за време на спортски натпревари, потрошила вкупно 2.400 евра. Во исто време, таа им украла мали суми пари (помеѓу 20 и 50 евра).
Симон првично негираше сè, но подоцна призна. Француската скијачка федерација (FFS) објави дека дисциплинската комисија ќе се состане „што е можно поскоро“ за да одлучи за случајот на Симон.
Сезоната на Светскиот куп во биатлон започнува на 29 ноември во Остерсунд, Шведска, а најважниот настан во сезоната на зимски спортови ќе бидат Зимските олимписки игри, кои ќе се одржат од 6 до 22 февруари во Милано и Кортина д’Ампецо.





