Атлетико Мадрид продаден за две милијарди евра

Макфакс

24/10/2025

22:16

355

Големина на фонт

а а а

Пиринејскиот Полуостров е на нозе, постигнат е еден од најважните договори во историјата на шпанскиот фудбал.

Локалниот дневен весник „Возпопули“, кој главно се занимава со политички, економски, финансиски прашања и теми од банкарскиот сектор, објави дека Мигел Анхел Хил Марин, генерален менаџер и клучен акционер на Атлетико Мадрид, постигнал договор за продажба на клубот за рекордна сума од над две милијарди евра.

Атлетико Мадрид ќе биде во мнозинска сопственост на американскиот инвестициски фонд „Аполо“, кој минатата година официјално управуваше со средства вредни над 700.000.000.000 долари.

Целиот договор треба да биде официјализиран во јануари следната година, но точниот датум или рамка за затворање на договорот ќе зависи и од другите партнери, пред сè од фондот „Арес Менаџмент“, кој е создаден од луѓе од „Аполо“, како и од фондот „Квантум Пацифик Груп“, кој е поддржан од израелскиот милијардер Идан Офер, инаку газда на кошаркарскиот клуб Хапоел од тел Авив.

Според информациите на споменатиот извор, крајниот рок за завршување на преговорите бил средината на октомври, но по договорот на сите страни, било одлучено да се помести, со оглед на тоа што е постигнат голем напредок. Претставници на американскиот фонд беа во Мадрид претходните денови за да ги договорат сите детали од договорот.

Извори упатени во преговорите тврдат дека Мигел Анхел Хил Марин и Енрике Серезо ќе задржат одреден удел во клубот, а се истакнува дека не е исклучено еден од другите сегашни акционери да го напушти клубот пред договорот да биде официјализиран.

Веќе некое време во фудбалскиот свет се шпекулира за можна продажба на еден од најголемите фудбалски клубови во Шпанија и Европа.

Американскиот „Аполо“ успеа да излезе како победник пред еден арапски инвестициски фонд, кој наводно има добри односи со семејството Хил Марин, бидејќи е главен спонзор на клубот преку учеството на авиокомпанијата „Ријад Ер“, која го дава своето име на стадионот, а логото на оваа компанија е и на дресовите на Атлетико.

Возпопули нагласува дека не е исклучено арапскиот инвестициски фонд да остане тесно поврзан со Атлетико преку проектот Сиудад дел Депорте дел Атлетико Мадрид, или Градот на спортот.

Станува збор за проект предводен од клубот во соработка со градските власти со цел создавање најсовремен спортски, рекреативен и комерцијален центар на над 265.000 квадратни метри земјиште.

Како што е наведено, трансакцијата ќе се изврши преку зголемување на капиталот на Атлетико, што би му дало на клубот клучна финансиска инјекција за понатамошно непречено работење.

Целта на договорот е да се овозможи понатамошен раст и развој на клубот, со дополнително зголемување на амбициите, што значи дека тимот на Диего Симеоне би можел да прерасне во еден од главните играчи на фудбалскиот пазар во наредните години. Односно, да се зголеми сегашната улога, која не е мала.

Мигел Анхел Хил Марин контролира 70,39 проценти од акциите, при што фондот „Арес“ држи околу 33,96 проценти од тој удел, додека израелскиот милијардер Идан Офер држи околу 27,81 процент од клубот. Остатокот го сочинуваат мали акционери.

Нова ера за Атлетико Мадрид доаѓа со почетокот на 2026 година.