Мирисот на исушените кори од мандарини во Кина, за жителите на кинескиот Синхуа, претставува мирис на злато. За оние стари околу 50 години, моменталната цена изнесува дури 8.875 евра за 500 грама.
На прв поглед, Синхуа е обично маало во кинескиот град Џијангмен, сместено во јужната провинција Гуангдонг. Меѓутоа, ако таму се најдете во есен или зима, улиците ќе бидат исполнети со прекрасниот мирис на исушените кора од мандарини, познати како ченпи.
За жителите на Синхуа тоа е мирис на злато. Имено, зборот за мандарина на кантонскиот, локален дијалект, се изговара исто како зборот за „злато“ – „гам“.

Како благороден метал, некои од овие кори можат да достигнат неверојатно висока цена, под услов да се собрани токму во Синхуа, каде составот на почвата и водата го прави ова подрачје идеално за одгледување мандарини. Се смета дека корите од мандарини од овој крај се вистинско складиште на микронутриенти.
Тие посебни кори секоја есен и зима се сушат на сонце најмалку три години по ред. Постојат неколку видови кори – зелени кори од мандарини собрани пред созревање, потоа светли, односно црвени кори собрани во ноември, големи црвени кори кои целосно созреваат во декември, како и кори од мандарини собрани по зимата, кои содржат повеќе шеќери.
Според преданијата, ченпи се користел и во јадења кои им се служеле на царевите и цариците во Забранетиот град, некогашната царска палата на кинеските династии Мин (1368–1644) и Цинг (1644–1911).

Денес, оваа состојка главно се користи во кујната на јужна Кина за подобрување на вкусот, но и како лековит додаток. Десертите и пијалаците од исушени кори од мандарини со текот на времето станале дел од секојдневната исхрана.
Во зависност од видот, ченпи се користи во традиционалната кинеска медицина за здравјето на слезината, органите за варење и дишниот систем. Исушените кори се богати со антиоксиданси и флавоноиди и помагаат во регулирање на крвниот притисок.
Како врвно вино, што е ченпи постар, толку е повреден. Пред неколку години, килограм исушени кори од мандарини од 1968 година на аукција во Хонг Конг бил продаден за 9.320 евра, додека вредноста на индустријата за ченпи кори минатата година била проценета на 2,94 милијарди евра. Денес, 500 грама ченпи кори стари 50 години вредат неверојатни 8.875 евра.