Приказна, бајка, искупување на заборавениот лик што докажува дека сè е можно

Точка

29/10/2025

19:04

472

Големина на фонт

а а а

Ред, посед, стабилност. Лева нога, визија, удар, техника, висина. И глава. Минус – брзината, но може да се наметне, велат инсајдерите.

Испадна, ете, неверојатно: еден „хајдуковец“ му го „изгасна светлото“ на друг. Победничкиот гол на Тома Башиќ за Лацио го чинеше Игор Тудор тренерската клупа на Јувентус. Но ако го оставиме настрана очигледниот парадокс, доаѓаме до фасцинантна симболика – во чиј центар е одамна заборавениот фудбалер што сега оживеа во филмска приказна.

„Каков пресврт, каков неочекуван заплет! ’Mind-blowing twist‘ достоен за најдобрите остварувања на ’Netflix‘“, восхитено пишуваат хроничарите на Лацио, кои покрај неговото име ја додаваат „осмицата“ и титулата „херој на натпреварот“.

„Приказна, бајка, искупување на заборавен лик кој покажува дека промената е можна, напредокот достижен, а излезот остварлив — и дека на такво патување, ни ’happy end‘ не е невозможен“, аплаудира светлосиниот дел од римските медиуми.


Од одбиен до спасител

Од играч кој беше отфрлен, без одиграна минута со месеци, дел од списокот на оние што клубот сакаше да ги продаде — овој 28-годишен играч од средниот ред одби да се предаде.

Кога му се отвори можност, благодарение на бројните повреди, Маурицио Сари го промени системот од 4-3-3 во 4-2-3-1 за да му најде место. Прво блесна против Џенова (3:0), а потоа и против Јувентус, каде што докажа дека неговиот блесок нема рок на траење.

Во тим кој сè уште го бара својот идентитет и кој е во „фаза на изградба“, Сари експериментира и им дава шанса на играчите да се наметнат. Башиќ, кому заминувањето летово му го спречи и високата плата (1,6 милиони евра годишно), одлучи да не крене раце — ни од себе, ни од тимот.

„Сè што го прави овој тим на Лацио, во суштина го олицетворува Башиќ. Овој период е, на некој начин, ’highlight‘ на целата негова кариера – можеби и на животот“, пишуваат италијанските спортски медиуми.

Сари: ’Ако има играч што не смее да се продаде – тоа е Башиќ!‘

„За Башиќ бев јасен уште во август. Да, се загуби во еден момент, затоа го изоставив од составот, но се врати кога ни требаше и навистина многу напредува. Најмногу порасна во карактер. Сега е од огромно значење за нас и можам само да му бидам благодарен“, изјави Сари, додавајќи со насмевка:

„Ако постои играч што не треба да се продаде – тоа е Башиќ!“


Тивок, смирен и посветен

Башиќ, пак, остана свој.

„Среќен сум и исцрпен, бидејќи дадовме последен атом сила. Не сакам да зборувам за себе – немаме време за еуфорија. Десетти сме на табелата, што значи дека мораме да одиграме уште многу вакви натпревари“, рече по мечот.

„Моето враќање? Не знам, можеби луѓето мислат дека ме немало, но цело време тренирам и работам со тимот.“

Тоа, всушност, го прави отсекогаш. Роден во Загреб, дете од Дубрава што живее за Хајдук. Таа контрадикторност го изградила.

Бил дел од „тајната група“ на хајдукови агенти во Загреб, кои пред десет години, под водство на Горан Вучевиќ, барале таленти за Пољуд. Од таму потекнуваа Јосип Јурановиќ, Тома Башиќ, Фран Тудор, а како дете пристигнал и Доминик Прпиќ.

„Беше и остана поинаков. Целата негова фамилија е мирна, посветена и искрена. Играше како техничар со одлична лева нога, визија и стабилност. Единствената слабост е брзината, но како централен играч создава баланс. Има карактер и тоа го потврди“, велат луѓе кои го познаваат од неговите први чекори во фудбалот — од Хајдук, преку Бордо (четири милиони евра), до Лацио (седум милиони евра).


Од пад до подем

Според инсајдерите, за него летово имало интерес и од АЕК (Грција), но трансферот пропаднал не поради финансии, туку поради околности во клубот.

Башиќ се враќа. Можеби нема веднаш да биде стартер, но влегува во ротацијата и се враќа во фудбалскиот живот по 500 дена без натпревар.

Од дното — до „Netflix“ сценарио за втор живот.