Кога пред 20-на години се појавиле првите мобилни телефони претставувале вистинско технолошко чудо. Токму тие први модели на уреди, но и конзоли и други геџети во поголем дел од домаќинствата биле заборавени на некој таван или во фиока и собираат прашина.
Меѓутоа, таа носталгичност поврзана за застарените модели телефони би можела на оние кои сѐ уште ги чуваат многу да им се исплати.
Имено, како што пренесува британски „Gumtree“, со продажба на ретро технологија од 90-тите и раните 2000-ти можно е да се заработат 100-на и до илјада евра.

Побарувачката е неочекувано висока, а пазарот на колекционерите е сѐ пожив, особено кога станува збор за легендарните модели како „Nokia 3310“, „Motorola Razr“, „BlackBerry“ или првите „iPhone“ телефони.
Иако денешните паметни телефони имаат неспоредливо повеќе можности, постарите модели сега вредат токму затоа што се ретки и го симболизираат почетокот на дигиталната ера. Колекционерите не ги купуваат поради функционалноста туку поради приказната за дизајн и носталгија.
Бен Вуд, основач и кустос на британскиот Музеј на мобилни телефони, го објаснува тој феномен.
„Луѓето ретко купуваат стари телефони за да ги користат во многу од случаите тие и онака не работат веќе. Постарите мобилни мрежи од првата , втора и трета генерација се згаснати или постепено се гасат“, вели Вуд.
„Верувам дека во поголем дел од случаите станува збор за комбинација и надеж на колекционерите дека вредноста на мобилните телефони ќе расте како што ќе станат постари и поретки“.
Според пишувањата на „Daily Mail“, Вуд ги советува сите кои дома имаат постари мобилни телефони едноставно да ја проверат неговата вредност на „eBay“.

„Постои жив пазар за винтиџ мобилни телефони и брзо може да ја најдете цената за речиси секој модел“, вели тој.
„Иако во поголем дел од случаите ќе се разочарате, се забележува растот на цените на онлајн аукции во последните неколку години затоа што луѓето сѐ повеќе биле заинтересирани за собирање на стара технологија“.
Цените на одредени уреди можат да достигнат износи којшто никој не ги очекувал. На пример, оригиналниот „Apple iPhone“ од 2007 година, во одлична состојба може да се продаде за 10.000 фунти (околу 11.500 евра).
Моделот „BlackBerry Porsche Design“ може да достигне цена од 1.500 фунти (околу 1.700 евра).