Во случај на осуда, максималната казна може да биде доживотен затвор без можност за условна слобода или смртна казна.
Окружниот обвинител на округот Лос Анџелес, Натан Џ. Хокман, објави нови детали во случајот со двојното убиство на познатиот режисер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел Рајнер, истакнувајќи дека смртната казна е опција доколку нивниот син Ник Рајнер биде прогласен за виновен.

Според Хокман, Ник Рајнер ќе биде обвинет за две обвиненија за убиство од прв степен, а казните за овие обвиненија се исклучително строги. Во случај на осуда, максималната казна може да биде доживотен затвор без можност за условна слобода или смртна казна.
Окружниот обвинител Натан Џ. Хокман и шефот на полицијата во Лос Анџелес, Џим Мекдонел, најавија дека ќе одржат прес-конференција во 13 часот по локално време, каде што јавноста ќе биде подетално информирана за овој шокантен случај.
Како што претходно беше објавено, 32-годишниот Ник Рајнер беше уапсен под сомнение дека ги избодел до смрт своите родители, кои беа пронајдени мртви во нивниот дом во Брентвуд, Калифорнија, во неделата попладне.

Неговото прво појавување пред суд беше закажано за денес, но беше одложено бидејќи не беше медицински способен да се појави на суд. Неговиот адвока за „TMZ“ изјави дека до утрово сè уште не добил официјални документи од обвинителството.
„TMZ“ исто така објави дека ќерката на Роб и Мишел, Роми Рајнер, ги пронашла телата на своите родители и ја повикала полицијата околу 15:40 часот. Таа им кажала на полицајците дека Ник е „опасен“ и дека треба да се смета за главен осомничен.
Според неа, Ник живеел со своите родители, но не бил дома кога таа пристигнала, што ја навело полицијата да се посомнева дека тој избегал. Подоцна било утврдено дека Ник се пријавил во хотелот „Пирсајд Санта Моника“ околу 4 часот наутро во неделата, користејќи ја својата кредитна картичка. Резервацијата била направена само за еден ден, но тој никогаш официјално не се одјавил.

Кога персоналот на хотелот влегол во собата подоцна тоа утро, го пронашле тушот полн со крв, како и траги од крв на креветот.
Ник Рајнер бил уапсен околу шест часа подоцна откако биле пронајдени телата на неговите родители и моментално е задржан во машкиот централен затвор во Лос Анџелес, каде што е под постојан надзор поради ризик од самоубиство, без кауција.








