Може ли вештачката интелигенција совршено да го повтори она што веќе еднаш го создала? Еден експеримент кој последните денови се прошири по социјалните мрежи покажа дека одговорот не е нималку едноставен и дека, во најмала рака, е вознемирувачки.
75 пати иста задача
Задачата била крајно едноставна: „ChatGPT“ добил упатство совршено да рекреира фотографија, без никакви промени. Откако го направил тоа, ја добил истата задача повторно. И повторно. И повторно, и така 75 пати по ред. Во првите итерации, резултатот бил речиси идентичен со оригиналот – чист портрет, препознатливи бои, пропорции и изрази на лицето. Но, со текот на рекреирањето сликата полека, но видливо почнала да се менува.
Секоја нова „репродукција“ носела ситни грешки: линиите на лицето се менувале, пропорциите се изобличувале, боите губеле конзистентност, а во еден момент на фотографијата се појавила и дополнителна личност. До крајот на експериментот, конечните слики едвај потсетувале на почетната фотографија.
Зошто се случило ова?
Причината лежи во начинот на кој функционира вештачката интелигенција. AI не копира пиксел по пиксел, туку интерпретира обрасци. Кога таа интерпретација се повторува повторно и повторно, без „свежи“ реални податоци, грешките се акумулираат. Истражувачите овој феномен го нарекуваат колапс на моделот – ситуација во која AI учи од сопствените резултати, ја губи прецизноста и разновидноста и постепено се лизга во изобличување.

„Од каде се појави друга личност?“
Очекувано, интернетот имаше што да каже. Многумина беа збунети од моментот кога на сликата се појавила нова личност: „Од каде, добога, се појави друга личност?!“ и „Жената која полека влегува во кадарот“, пишуваа корисниците. Други пронајдоа хумор во целата ситуација: „Ова е или љубовна приказна или хорор“, „Начинот на кој станаа ирски лезбиски пар“, „Сè уште подобра љубовна приказна од приквелот на 'Star Wars'“.
Не изостанаа ни сериозните реакции и критики. „Ова е визуализација на она што се случува кога AI се гледа себеси“, напиша еден корисник, додека друг предупреди: „Овој процес, но со текстуални информации, е навистина реален – AI се ‘јаде’ себеси“. Дел од коментарите се осврнаа и на еколошкиот аспект: „Колку базени вода потрошивте за да го создадете ова?“ и „Убаво е да се знае дека ја уништуваме Земјата за вакви видеа“.








