По Венеција и Рим воведува ограничувања: Посетата на „Fontana di Trevi“ повеќе нема да биде бесплатна – еве колку пари треба да издвојат туристите

Точка

18/12/2025

09:00

761

Големина на фонт

а а а

По Венеција и нејзиниот систем за влезници, Рим станува следната италијанска дестинација која воведува ограничувања за пристап до познатата фонтана.

Градските власти официјално потврдија дека од 7 јануари 2026 година, посетите на „Fontana di Trevi“ ќе бидат предмет на задолжителна влезница, за туристите со надомест, а за жителите на Рим бесплатно.

Целта на новата мерка е да се зачува споменикот и да се намалат дневните толпи околу фонтаната, која е второто најпосетено место во градот, веднаш по Колосеумот. Одлуката доаѓа по низа инциденти во изминатиот период, вклучувајќи го и случајот со турист кој скокна во фонтаната, што дополнително го отвори прашањето за контрола и безбедност на оваа област.


Како ќе функционира новиот систем?

Според планот на Градскиот совет, просторот околу фонтаната ќе биде организиран во две одделни зони - една за туристи и една за граѓаните на Рим. Постоечките бариери ќе бидат заменети со дискретни метални столбови, а плаќањето на влезницата ќе биде можно и со картички.

Идејата ја иницирал градскиот секретар за туризам и големи настани, Алесандро Онорато, кој повторно јавно го поддржа проектот во последните месеци.

Колку ќе чини билетот?

Влезот за жителите на Рим ќе биде бесплатен, додека пак туристите ќе плаќаат симболични 2 евра. Сите приходи од продажбата на билетите ќе бидат инвестирани во одржување на просторот, контрола на протокот на посетители и вработување дополнителен персонал задолжен за редот и безбедноста.

Иако примарната цел е заштитата на спомениците, економските ефекти нема да бидат занемарливи. Според процените на „Кориере дела Сера“, новиот систем би можел да донесе околу 20 милиони евра годишно. Само во првите шест месеци од 2025 година, повеќе од 5,3 милиони луѓе ја посетиле „Fontana di Trevi“ - повеќе отколку што Пантеонот имал во целата 2024 година.


Година на прекумерен туризам

Оваа одлука е дел од поширокиот европски тренд за борба против т.н. „презаситен туризам“. Во текот на 2025 година, бројни европски метрополи се соочија со граѓански протести поради масовниот прилив на туристи, зголемувањето на цените, зголемувањето на кириите и намалувањето на квалитетот на секојдневниот живот.

Во овој контекст, потегот на Рим претставува прв сериозен обид хроничниот проблем со прекумерната посетеност да се претвори во поконтролиран и одржлив модел на управување со еден од најпознатите споменици во светот.