Сер Клиф Ричард, еден од најпознатите британски пејачи на сите времиња, на 85-годишна возраст откри дека во текот на претходната година се лекувал од рак на простата.
Со децении, тој се сметаше за симбол на веселост, летни мелодии и безгрижен дух на британската поп-сцена. Сепак, далеку од рефлекторите и публиката, изминатата година водел лична борба, за која јавноста не знаеше речиси ништо.
Дискретна дијагноза на музичката легенда
Сер Клиф Ричард, еден од најпознатите британски пејачи на сите времиња откри дека во текот на претходната година се лекувал од рак на простата. Веста ја сподели дури сега, откако третманот бил завршен, без претходни јавни настапи или најави.

Како што објасни во интервју за британската телевизија, болеста била откриена сосема случајно - за време на рутински медицински преглед што морал да го изврши поради осигурување пред планираната турнеја во Австралија и Нов Зеланд.
„Да не отидев на таа контрола, веројатно немаше да знам што се случува“, изјавил пејачот, нагласувајќи колку е клучна навремената контрола.
Кариера што одбележа една епоха
Сер Клиф Ричард е име синоним за британската поп-музика со децении. Тој ја започнал својата кариера кон крајот на 50-тите, а песните како „The Young Ones“, „Summer Holiday“ и „We Don't Talk Anymore“ го направија еден од најпрепознатливите уметници на неговата генерација и постојан столб на поп-културата.
„Засега е исчезнато, но никој не може да ја гарантира иднината“
Зборувајќи за неговата моментална здравствена состојба, Ричард бил смирен, но реален:
„Во овој момент, ракот е исчезнат. Но, никој не може да каже дали ќе се врати. Затоа постојано повторувам - луѓето мора да бидат тестирани, мора да бидат прегледани“, изјавил тој, додавајќи дека неговата болест не се проширила и немало метастази, што е уште еден доказ за тоа колку раното откривање може да направи разлика.

Зошто ракот на простата е особено опасен
Ракот на простата во почетната фаза често не предизвикува јасни симптоми, поради што многу мажи ги одложуваат прегледите. Кога ќе се појават знаци, тие може да вклучуваат често мокрење, особено ноќе, слаб или повремен млаз урина, чувство на нецелосно празнење на мочниот меур и болка или печење при мокрење. Во напредни фази, болката се јавува во долниот дел од грбот, колковите или карлицата, како и крв во урината или спермата. Токму затоа лекарите постојано ја нагласуваат важноста на превентивните прегледи.
Апел до властите: Време е за системско решение
Ричард го искористил своето искуство со болеста за да упати јасен повик до британските институции, да воведат национална програма за скрининг за рак на простата, слична на оние што веќе постојат за рак на дојка, грлото на матката и дебелото црево.
„Апсолутно е лудо што таква програма не постои. Зборуваме за болест која одзема огромен број машки животи, а сè уште немаме системско решение“, изјавил тој.
Разговор кој дополнително одекна
Тој зборувал за сè во интервјуто со искусниот новинар Дермот Марнаган, кој самиот се соочува со напреден рак на простата. Нивниот разговор дополнително го привлекол вниманието на јавноста за болеста, за која, и покрај нејзината распространетост сè уште недоволно се зборува.
Поддршка од највисоко ниво
Во исто време, во јавно обраќање, кралот Чарлс ги повика граѓаните редовно да одат на превентивни прегледи, нагласувајќи дека „раната дијагноза едноставно спасува животи“. Неговите зборови имаа моќен ефект, здравствените служби забележале нагло зголемување на интересот за тестирање. Сер Клиф Ричард изјавил дека би бил среќен да биде дел од поширока кампања за подигање на свеста.
„Ако кралот застане зад тоа, јас сум тука. Мислам дека многу луѓе би одговориле“, изјавил тој.

Порака што оди подалеку од музиката
Здравствените организации предупредуваат дека илјадници животи се губат секоја година поради доцно откривање на рак на простата. Иако се разгледува воведување на целен скрининг за мажи со зголемен генетски ризик, експертите веруваат дека тоа не е доволно.
Реклама
„Ракот на простата е последниот голем рак без масовна програма за скрининг. Тоа мора да се промени“, велат британските здруженија.
Кога човек кој со децении е симбол на сила, оптимизам и виталност зборува за болеста, пораката добива дополнителна тежина. Сер Клиф Ричард не зборувал за да предизвика сожалување, туку да ги охрабри другите да го направат она што му го спасило животот, да направат скрининг на време.










