Шон Оно Ленон, синот на легендарните Џон Ленон и Јоко Оно, изразил загриженост дека помладите генерации би можеле да ги заборават Битлси и наследството на неговиот татко.
Во неодамнешно интервју, тој ја презел улогата на чувар на наследството на неговите родители, нагласувајќи дека чувствува должност да се погрижи нивната музика и пораките за мир да продолжат да живеат.
„Давам сè од себе младите да не ги заборават нив“
Со оглед на тоа што неговата мајка Јоко Оно наполнила 92 години, педесетгодишниот Шон објаснил во интервју за „CBS Sunday Morning“ дека „технички“ ја презел нејзината улога. „Но, секако, и светот е чувар на нивното наследство, би рекол“, додал тој.
„Само давам сè од себе да ѝ помогнам на помладата генерација да не ги заборави Битлси, како и Џон и Јоко. Така ја го гледам тоа“, истакнал Шон.
Кога новинарот го прашал дали е воопшто можно луѓето да заборават на вакви музички икони, Шон признал: „Да, всушност. А никогаш порано не сум размислувал така“.
Музичарот нагласил дека чувствува голем притисок затоа што неговата мајка „поставувала високи стандарди“ во начинот на кој управувала со музиката на неговиот татко. Сепак, тој ја гледа оваа задача како своја лична мисија.

„Моите родители ми дадоа толку многу што мислам дека најмалку што можам да направам е да се обидам да го продолжам нивното наследство во текот на целиот мој живот. Чувствувам дека им го должам тоа. Тоа е лична работа“, објаснил Шон.
Тој го опишал наследството на неговите родители како порака за „мир и љубов“, но и како нешто повеќе од тоа.
„Тоа е став кон активизмот што се спроведува со хумор и љубов. Мислам дека музиката на Битлси, како и наследството на Џон и Јоко, е нешто важно што светот треба да го цени и да го запомни. Така јас ја гледам мојата работа“, додал Шон.
Новите проекти ги одржуваат спомените
Еден од начините на кои Шон им оддава почит на своите родители е преку работа на нивната песна од 1971 година „Happy Xmas (War Is Over)“. Во соработка со поранешниот аниматор на „Pixar“, Дејв Малинс, тој направил краток анимиран филм „War Is Over!“, кој освоил Оскар во 2024 година.
„Сакав да видам дали можам да го постигнам чувството како таа песна да ја слушате повторно за прв пат“, објаснил тој.
Приказната за Џон и Јоко неодамна била раскажана во новиот документарец на „HBO“ - „One to One“, кој ја следи првата година од нивниот живот во Њујорк и нивниот единствен заеднички целовечерен концерт. Шон, кој е роден на Менхетен во 1975 година, рече дека видел некои снимки во документарецот што никогаш порано не ги видел.
„Тоа е како да добивам уште моменти што можам да ги поминам со тато. За мене, на лично ниво, тоа навистина многу значи“, нагласил тој.
Наследството на Битлси ќе продолжи да живее преку најавениот музички биографски филм во четири делови, во режија на Сем Мендес, кој се очекува да излезе во 2028 година. Секој филм ќе биде посветен на еден член од бендот. Улогата на Џон Ленон ќе ја игра Харис Дикинсон, додека Јоко Оно ќе ја игра Ана Саваи.











