Критичарите ги издвоија најлошите филмови за 2025 година: Тврдат дека поради иритантните ликови се мачни за гледање

Точка

23/12/2025

14:40

790

Големина на фонт

а а а

Главните филмски критичари на „Variety“, Овен Глајберман и Питер Дебриж, ги издвоија рецензиите на најлошите филмови за оваа година.

Како што наведуваат, секој филм со себе носи лекција. Глајберман ги издвои своите пет најлоши филмови, а тоа се: „Eden“, „Five Night's at Freddy's 2“, „The Testament of Ann Lee“, „Hurry Up Tomorrow“ и „Anemone“. Исто така, најлошите филмови според мислењето на Дебриж се: „The Life of Chuck“, „The Electric State“, „War of the Worlds“, „The Actor“, „Presence“ и „Snow White“.


Како што наведува Глајберман, филмот „Eden“ е „хаотична мешавина од историска драма со дејство сместено на еден од островите Галапагос во 1929 година, каде што гледачите се соочуваат со бројни ликови – од ексцентрични, до антипатични и неподносливи“. Тој посочува дека најчудната работа поврзана со филмот е тоа што од гледачите се очекува да се поистоветат со него. Критичарот наведува дека филмот „Eden“ требало да се вика „Endless Meandering Hellscape“.

Глајберман истакнува дека филмот „Five Night's at Freddy's 2“ важи за остварување без крв, страв и напнатост. Тврди дека станува збор за приказна за духовите на убиени деца кои живеат во маскотите на пицеријата Фреди Фазбеар. Дополнително, наведува дека третиот дел ќе биде „мачење“.

Покрај тоа, овој критичар го издвојува и филмот „The Testament of Ann Lee“, за кој тврди дека се обидува да биде смело строг, но е мачен и расфрлан.

„Ен Ли која ја глуми Аманда Сејфрид, расте во Манчестер, каде што е толку трауматизирана од сцените на блуд кај своите родители, што од тоа развива цел поглед на светот“, наведува критичарот.

 За филмот „Hurry Up Tomorrow“, Глајберман истакнува дека станува збор за претенциозна драма за поп-идол кој се наоѓа среде нервен слом. Според него, на петтото место се наоѓа филмот „Anemone“, кој зборува за нарушени семејни односи и сексуално злоставување деца во рамките на католичката црква.

Според критичарот Питер Дебриж, прв на листата на најлоши филмови за оваа година е „The Life of Chuck“. Тој истакнува дека филмот не ѝ остава простор на публиката самата да извлече заклучоци, туку се служи со емоционална манипулација. Иако филмот освои награда на Филмскиот фестивал во Торонто, Дебриж нагласува дека остварувањето му потрошило драгоцени моменти од животот.

Тој наведува дека на второто место се наоѓа филмот „The Electric State“, со апсурдна приказна и иритантни ликови. На третото место е „War of the Worlds“, во кој рапер ги користи своите хакерски вештини за да ги спаси својот син и ќерка.

Филмот „The Actor“, според неговото мислење, го зазема четвртото место, а за него наведува дека станува збор за неразбирлива егзистенцијална мистерија за актер со амнезија кој се обидува да го состави својот изгубен идентитет.

За Дебриж филмот „Presence“ е „вртоглаво остварување за опседната куќа, раскажано од перспектива на дух, со здодевен вовед и крајно неспретен крај, во кој напнатоста се заменува со здодевност“.

Дополнително, се издвојува и филмот „Snow White“, кој, како што тврди Дебриж „ја исцицува целата убавина на оригиналната Снежана“. Дел од актерите ги критикува поради безличност, но и поради недостаток на енергија во целиот филм.