Се наплаќале ПАП-тестови и други услуги кои ги покрива Фондот за здравство: Извршени контроли поради претставки од граѓаните

Макфакс

26/12/2025

15:13

586

Големина на фонт

а а а

Денес, директорите на Управата за јавни приходи и Фондот за здравствено осигурување одржаа заедничка прес-конференција на која го презентираа извештајот од спроведените заеднички контроли.

Во ноември 2025 година извршени се заеднички контроли со Управата за јавни приходи (УЈП) во 49 ПЗУ (33% од вкупниот број договори).

Контролите, како што беше истакнато, биле извршени поради зачестени претставки од осигуреници за наплата на средства за прегледи кои не се наплатуваат.

„Фондот за здравствено осигурување на Македонија има склучено договор со вкупно 149 приватни здравствени установи (ПЗУ) за вршење на примарна здравствена заштита во дејноста гинекологија (матични гинеколози), истакна директорот на ФЗО, Сашо Клековски.

Заедничка контрола на ФЗО и УЈП за последен пат била направена во 2012 година.

Целта на контролите, како што беше посочено е проверка на придржување кон договорните обврски, особено кон одредбата дека: „Прегледот, ЕХО, колпоскопијата, земањето на брис за микробиолошко и цитолошко испитување (за ПАП-тест), како и сите други дијагностички и терапевтски процедури кои се согласно медицина заснована на докази кај избраниот лекар не се наплатуваат.“

Според извештајот од вкупно 49 контролирани ПЗУ, уредни односно без никакви неправилности ниту од ФЗОРСМ ниту од УЈП) биле 26 или (53,1%).

[Преглед по градови]

„Неуредни збирно се вкупно 23 ординации, од кои неправилности само кон ФЗО имаат три установи, само кон УЈП имаат 11, а кон двете институции има кај девет установи. Од утврдените 12 установи кон Фондот, главна неправилност е наплата на дополнителни средства од осигурани лица (кај осум ПЗУ) и неуредна евиденција (кај пет ПЗУ). Од УЈП се утврдени неправилности со фискализација кај 20 установи“.

Контролите како што информираа надлежните биле вршени во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Штип и Струмица.

„Најнизок степен на уредност има во Струмица, каде што од пет контролирани установи, само една е со уредни наоди, а четири со неуредни. Со висока неуредност е и Скопје, каде што од 16 контролирани установи, седум се уредни, а девет се неуредни. Највисок степен на уредност имаат установите во Битола и Прилеп, каде 70 отсто се со уредни наоди“,

Од даночен аспект, посочија надлежните, здравствените услуги се ослободени од ДДВ, а најголем дел од овие установи плаќаат симболичен годишен данок на вкупен приход од 1% или се целосно ослободени.

„Тоа не значи дека неевидентирањето на прометот е без даночен ефект. Напротив, неевидентирањето на приходите остава простор за нивно користење како неоданочени лични примања, стекнување личен имот од неоданочен доход, како и за плаќања на набавки во готово што директно ја храни сивата економија. Оваа пракса го поткопува системот, создава нефер предност на сметка на оние што работат законски, а во поширок контекст прогресивно води до зголемени загуби на јавни приходи“.