И овој европски град воведува туристичка такса: Нов трошок за посетителите од 2026 година, никој нема да биде поштеден, а ова е сумата

Точка

30/12/2025

19:12

606

Големина на фонт

а а а

Туристите кои ќе пристигнуваат во романската престолнина - Букурешт од 2026 година ги очекува нова туристичка такса, и покрај сè посилното противење од хотелскиот сектор.

Градскиот совет на Букурешт претходно овој месец објавил нацрт-одлука за воведување посебна такса наменета за промоција на туризмот во главниот град, а мерката била усвоена само четири дена подоцна, во вторник, на 23 декември. Брзината на донесувањето на одлуката предизвикала загриженост бидејќи, како што велат критичарите, не постои „конкретен план“ за тоа како ќе бидат потрошени собраните средства.

Според наводите на градските власти, таксата би требало да донесе околу 15 милиони романски леи годишно (околу 2,9 милиони евра) и да му помогне на Букурешт подобро да се позиционира како туристичка дестинација, иако деталите за начинот на промоција сè уште не се прецизирани.


Колку ќе изнесува туристичката такса во Букурешт?

Од следната година, секој турист што престојува во сместување во Букурешт ќе плаќа 10 романски леи по ноќевање (околу два евра). За разлика од многу други европски градови, висината на таксата нема да зависи од цената на сместувањето.

Наплатата на таксата ќе ја вршат хотелите и другите даватели на сместување, како и онлајн платформите за резервации како „Airbnb“ и „Booking.com“, односно туристичките агенции.


Според пишувањата на локалните медиуми, непочитувањето на оваа обврска може да резултира со парични казни до 1.500 леи (околу 294 евра) за физички лица и до 4.000 леи (околу 785 евра) за правни лица.

Заменик-градоначалникот на Букурешт, Стелијан Бујдувеану, изјавил дека новата такса ќе му донесе „додадена вредност“ на градот преку промоции и организација на настани што ќе му користат на целиот регион.

Зошто туристичката такса предизвикала полемики?

Федерацијата на романската хотелска индустрија (FIHR) предупредила дека оваа мерка би можела негативно да влијае врз туризмот во Букурешт, кој во последно време бележел раст на бројот на посетители, меѓу другото благодарение на атракции како спа-центар кој стекнал голема популарност на ТикТок.


Претставниците на индустријата истакнале дека промоцијата на Букурешт е важна, но сметаат дека законот е усвоен премногу брзо и на „нетранспарентен начин“, со ризик градот да стане фискално скап, а недоволно промовиран.

„На туризмот му е потребно партнерство, а не административна импровизација“, истакнале од „FIHR“.