Актерот Томи Ли Џонс и неговото семејство се огласија по изненадната смрт на неговата ќерка Викторија, која почина на Нова година на 34-годишна возраст. Нејзиното безживотно тело било пронајдено во хотелска соба во Сан Франциско, пишува „Unilad“.
Во многу кратка изјава за магазинот „People“, скршеното семејство порача: „Ги цениме сите љубезни зборови, мисли и молитви“. Потоа побараа разбирање додека минуваат низ тежок период. „Ве молиме да ја почитувате нашата приватност во овој тежок момент. Ви благодариме“.
Истрагата е во тек
Викторија, која и самата била актерка, била пронајдена мртва во хотелот „Fairmont“ во Сан Франциско околу 3 часот наутро на 1 јануари, по пријава за итен медицински случај. Околностите на нејзината смрт во моментов се предмет на истрага, а судскиот лекар треба да изврши обдукција за да ја утврди точната причина.
Според Противпожарната служба на Сан Франциско, итната помош одговорила на повикот на адресата на хотелот во 2:52 часот по полноќ. За случајот се огласи и полицијата.

„На 1. 1. 2026 година, околу 3:14 часот наутро, полицајците од Сан Франциско одговорија на повик во хотел лоциран во блокот 900 на улицата Мејсон по пријава за починато лице“, се наведува во соопштението. „На местото на настанот, полицајците се сретнаа со медицинскиот персонал, кој возрасно женско лице прогласи за починато. Судскиот лекар пристигна на местото и спроведе истрага“.
Иако дополнителни детали не се објавени, засега се смета дека смртта не се третира како сомнителна.
Кратка актерска кариера
Родена во 1991 година, Викторија беше ќерка на ѕвездата од филмот „Men in Black“ и неговата поранешна сопруга Кимберли Клафли, кои имаат и 43-годишен син, Остин. Накратко тргна по стапките на својот татко, глумејќи покрај него во филмот „Men in Black II“, а се појави и во една епизода од серијата „One Tree Hill“, како и во филмот „The Three Burials of Melquiades Estrada“.
И покрај успехот, во последните години се повлече од јавноста, но повремено се појавуваше за да го поддржи татко ѝ на црвениот тепих, особено на филмските фестивали.

Татковата лекција на снимање
Џонс бил исклучително горд на својата ќерка — иако еднаш признал дека на снимање морал да ѝ даде „отказ“. Во интервју за „The New Yorker“, објавено на 2 јануари 2006 година, се присети на моментот кога ѝ одржал лекција за професионалност.
„Ја отпуштив сопствената ќерка. Мораше да стане во 5 часот наутро за својата улога. Едно утро, не сакаше да стане од кревет“, објасни тој. Џонс се присети како ја охрабрувал да се разбуди: „Реков: ‘Душо, ова е работа’. Но, таа не се помести“. Сакајќи Викторија да сфати дека нејзините постапки имаат последици, Џонс продолжил: „И така, ја отпуштив“.
За среќа, улогата на Викторија во филмот била спасена благодарение на продукцискиот тим, кој, како што раскажа Џонс, отишол кај неа „без тој да знае“, успеал да ја разбуди и потоа да ја однесе на снимање „точно на време“.













