Роботската компанија „Boston Dynamics“ на саемот „CES“ во Лас Вегас претстави нова, продукциски подготвена верзија на хуманоидниот робот „Atlas“, демонстрирајќи пристап кој свесно се оддалечува од строгото имитирање на човечката анатомија. За време на настапот на сцената, роботот покажа исклучителна подвижност благодарение на зглобови кои овозможуваат непречена ротација од 360 степени.
За разлика од класичните хуманоидни концепти, роботот „Atlas“ има зглобови на колковите, зглобовите на рацете и вратот кои можат континуирано да се вртат. Во демонстрацијата, роботот се движеше кон публиката, ги ротираше рацете како бушилка, ја заврте главата и го ротираше целиот горен дел од телото, со што јасно беше покажано дека дизајнот не е ограничен од човечките биомеханички правила.
„Тука има повеќе од обично имитирање на природата. Можеме да го земеме најдоброто што природата го нуди и во некои работи да бидеме уште подобри“, изјави извршниот директор на „Boston Dynamics“, Роберт Плејтер, за време на претставувањето, пишува „Futurism“.
Boston Dynamics humanoid robot is next-level. Everybody is playing catch-up. pic.twitter.com/weM15xcWYn
— Carlos E. Perez (@IntuitMachine) January 5, 2026
Низа отворени прашања
Претставувањето на „Atlas“ беше дел од поширока објава на компанијата, во чии рамки беше најавено и партнерство со „DeepMind“ на „Google“, со цел интеграција на напредни AI-системи во роботите. Компанијата, која е во сопственост на „Hyundai“, соопшти дека веќе развива верзија на „Atlas“ наменета за работа во автомобилската индустрија, со план за примена во фабрика за електрични возила на „Hyundai“ до 2028 година.
Иако е познато дека роботот е висок околу 190 сантиметри и тежи приближно 90 килограми, цената и точниот датум на достапност сè уште не се објавени. Освен необичната подвижност, „Boston Dynamics“ претходно покажа и дека „Atlas“ може да ракува со автомобилски делови, како и да изведува сложени танцови движења.
И покрај ентузијазмот на производителот, експертите предупредуваат дека остануваат низа отворени прашања за долгорочната исплатливост и реалната примена на хуманоидните роботи. Некои сметаат дека ваквиот облик не е нужно најпрактичен за замена на човечкиот труд во индустриски средини. Дебатата дали двоножните роботи ќе станат доминантен индустриски стандард сè уште трае, но најновата демонстрација покажува дека „Boston Dynamics“ засега ги остава сите опции отворени.








