Се сеќавате ли на него? Победи на Евровизија во 2009 година, а сега повторно сака да се натпреварува

Точка

20/01/2026

20:40

1.344

Големина на фонт

а а а

Бројни држави се подготвуваат за овогодишната Евровизија, која ќе се одржи во мај во Виена.

Кон крајот на февруари својот претставник ќе го дознаат Норвежаните, кои деновиве го привлекоа вниманието со некои кандидати.

Имено, Александер Рибак по третпат сака да се натпреварува на Евровизија, кој на ова натпреварување победил во 2009 година со песната „Fairytale“. Уште еднаш се натпреварувал во 2018 година и тогаш во финалето завршил на 15-то место. Сега е еден од деветте изведувачи кои ќе се натпреваруваат на „Melodi Grand Prix“ (MGP) и ќе се обиде по третпат да ја претставува Норвешка на Евровизија.


Освен Рибак, меѓу натпреварувачите на „MGP“ е и сестрата на познатото музичко дуо – близнаците Маркус и Мартинус. Тие се натпреварувале на Евровизија пред две години, во шведскиот Малме, но тогаш ја претставувале Шведска. Како што изјавиле во пресрет на Евровизија тогаш, за Шведска се одлучиле затоа што во Норвешка ги гледале како детски и „тинејџерски“ ѕвезди.

„Почнавме одново во Шведска. Сакавме да покажеме дека сме пораснати“, изјавиле тогаш.


Тие деновиве ќе имаат концерт во Загреб, додека нивната сестра следниот месец ќе се обиде да стане претставничка на Норвешка на Евровизија, пренесе „24sata.hr“.

„Ylvis“ бојкотираат поради Израел

И додека бројни музичари се подготвуваат други се откажаа од учеството на Евровизија поради прашањето околу учеството на Израел, кое се провлекува веќе неколку години. Така, на „MGP“ нема да настапи „Ylvis“, музичко-комичарското дуо составено од браќата Борд и Вегард Илвисокер, кои глобално се прославиле со хитот „The Fox (What Does the Fox Say?)“ од 2013 година. Како причина за повлекувањето го истакнале несогласувањето со одлуката на Европската радиодифузна унија (EBU) да не го исклучи Израел од натпреварувањето.

Браќата подготвувале песна за „Melodi Grand Prix“ 2026, со надеж дека ќе ја претставуваат Норвешка на јубилејната 70-та Евровизија во Виена. Како што откриле во официјалната изјава, имале подготвен „забавен концепт и песна“ за кои верувале дека совршено би се вклопиле во евровизискиот контекст.


Сепак, нивното учество беше условено. Во изјава објавена на Инстаграм го појасниле својот став, наведувајќи дека норвешката телевизија „NRK“ уште рано во процесот ја известиле за нивниот услов.

„Уште рано во процесот, јасно ѝ ставивме до знаење на NRK дека не сакаме да се појавиме на иста сцена со Израел сè додека продолжуваат воените злосторства и кршењата на меѓународното право. Се надевавме дека EBU ќе заклучи дека на израелската телевизија нема да ѝ биде дозволено учество на овогодишната Евровизија, исто како што направија со Русија кога ја нападна Украина во 2022 година“, изјавиле тие.

„Се радувавме на создавање на шоу и изведбата на нашиот нов супер-мега хит и се надевавме дека ќе ја претставуваме Норвешка во Виена, но со оглед на моменталната ситуација, тоа е нешто зад кое не можеме да застанеме. Се надеваме дека ситуацијата ќе се промени и дека Евровизија повторно ќе стане обединувачка прослава каква што треба да биде“, додале Норвежаните.