Синовите и ќерките на иранската владејачка елита се фалат со своите исклучително луксузни животи на социјалните мрежи, додека истовремено илјадници Иранци се убиени бидејќи на противрежимските протести се осмелиле да им се спротивстават на моќните семејства кои управуваат со Исламската Република.
Децата на клериците, министрите и безбедносните функционери се поштедени од крвопролевање, живеат раскошно во Иран или во странство и позираат со дизајнерски чанти, луксузни автомобили и приватни авиони. Додека од друга страна, протестантите биле застрелани, претепани и однесени од своите домови.
Организациите за човекови права тврдат дека илјадници луѓе биле уапсени во масовните рации. Според иранските власти, загинале најмалку 5.000 лица, вклучувајќи ги припадниците на безбедносните сили. Независните организации проценуваат дека бројот на потврдени смртни случаи е поголем од 16.000.
Една недела пред избувнувањето на немирите, манекенката и модна дизајнерка Анашид Хосеини на социјалните мрежи објавила фотографии во скапоцен капут од кашмир и со чанта за која критичарите тврдат дека вреди повеќе отколку што многумина Иранци заработуваат за една година.
Хосеини е во брак со синот на поранешниот ирански амбасадор во Данска и стана симбол на „елитно расфрлање“ предизвикувајќи гнев кај јавноста. Таа е дел од групата што во Иран е позната како „aghazadeh“, а се состои од семејства на високи функционери на режимот кои профитираат од политичката моќ, корупција и богатство стекнато со заобиколување на санкциите, пишува Дејли мејл.
На еден начин тие сепак биле погодени од немирите – профилите на социјалните мрежи накратко им згаснале откако властите вовеле опсежна интернетска блокада која ги отсече Иранците од надворешниот свет.
Хосеини не е единствената. Мохамед Хосеин Шамкани и неговиот брат Хасан познат како „Хектор“, водат глобално бродско царство од седиштето во Дубаи. Нивниот татко Али Шамкани е поранешен безбедносен шеф на Исламската република и виш советник на врховниот водач, ајатолахот Али Хаменеи.
„Нивниот начин на живот ги разбесни, не само налути, туку ги разбесни граѓаните на Иран. Особено припадниците на генерацијата во нивната возрасна група, најмногу поради тоа што гледаат како тие богати деца живеат, без никаква одговорност за она што го прават. Нивните родители, дедовци и баби се погрижиле животот во Иран да им биде удобен, исполнет со луксуз“, изјавила Ела Розенберг, виша истражувачка во Ерусалимскиот центар за надворешни работи, специјализирана за Иран и финансирање на противтероризмот.

Ајатолахот Хаменеи има неколку роднини во Велика Британија и Франција, вклучувајќи го внукот Махмуд Морадхани, додека внуците на основачот на Исламската република, ајатолахот Хомеини живеат во Канада. Братот на Али Ларијан, секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, предава во Шкотска за сајбер безбедност, додека децата на поранешниот претседател Хасан Рохани живеат во Австрија и студирале на Оксфорд.
Според зборовите на еден поранешен ирански министер, околу 5.000 „aghazadeh“ живеат во Америка, најголемиот ирански непријател. Еден од најноторните примери е Саша Собхани, синот на поранешниот ирански амбасадор во Венецуела за време на мандатот на претседателот Ахмадинеџад.

Со милиони следбеници на социјалните мрежи, Собхани изградил имиџ на расфрлање со суперјахти, приватни авиони, брзи автомобили и раскошни забави со разголени жени. Тие фотографии го поттикнале јавниот бес во Иран. За разлика од многумина припадници на елитата кои ги избегнуваат погледите на јавноста, Собхани повеќе пати ги провоцирал критичарите додека од странство го покажувал својот животен стил, престојувајќи во земји како Шпанија и Обединетите Арапски Емирати.
Во меѓувреме се обидел да се дистанцира од Техеран, кој бара негова екстрадиција од Шпанија поради обвинувања кои вклучуваат водење илегални онлајн казина и перење пари што тој го негира.

За време на немирите, богатите Иранци се „преселиле“ во соседна Турција за да се забавуваат и да се дружат подалеку од насилството, плашејќи се дека би можеле да станат мета на демонстрантите. Источната покраина Ван станала популарна дестинација.
И покрај сеопфатните западни санкции дизајнирани да го притиснат режимот, животниот стил на иранската елита останува во голема мера недопрен, не само во странство, туку и дома. Во богатите населби во северен Техеран, како што е Елахие, луксузни автомобили сè уште минуваат покрај ексклузивни кафулиња, дизајнерски бутици и модерни станбени згради, што претставува остар контраст со економските тешкотии со кои се соочуваат повеќето Иранци, пишува Дејли мејл.














