Американскиот претседател, Донал Трамп изјави дека наредил дополнително зголемување на царините за Швајцарија од 9% бидејќи „не му се допаднал начинот на кој му се обратила една швајцарска лидерка“ додека барала од него да ги укине царините.
Трамп во интервју за „Fox Business“ рече дека тонот на Карин Келер-Сутер, претседателката на Швајцарскиот федерален совет, а која погрешно ја нарекол премиерка, го сметал за „репетитивен“ и „агресивен“.
„Воведов царини од 30%, што е многу ниско. Потоа примив итен повик од, верувам, премиерката на Швајцарија, и таа беше многу агресивна, но љубезна, но и многу агресивна. Рече: „Господине, ние сме мала земја. Ние не го можевме ова. Ние не го можеме ова“. Не можев да ја тргнам од телефонот“, раскажа Трамп.
Тој истакна дека Келер-Сутер постојано повторувала дека Швајцарија е мала земја што како што рече дополнително го изнервирало.
„Не можев да ја тргнам од телефонот, па беше 30%. И бидејќи баш не ми се допадна начинот на кој разговараше со нас, наместо намалување ги зголемив царините на 39%“.

Исто така и пред неколку недели на Светскиот економски форум во Давос, Трамп имал слични забелешки, каде покажал дека не знае дали Швајцарија има премиер или претседател.
„Претпоставувам премиерка, не знам, претседател, премиерка ме повика, жена. И таа беше многу репетитивна. Рече: „Не, не, не, не можете да го направите тоа, 30%“. Но јас реков: Можеби сте мали, но имате голем дефицит“, истакна Трамп.

Швајцарија нема премиер ниту извршен претседател, туку со земјата колективно управува Федералниот совет од седум членови. Меѓутоа, американски и швајцарските преговарачи во ноември постигнаа прелиминарен договор за намалување на царинските стапки на 15%, а швајцарската индустрија се обврза да инвестира 200 милијарди долари во САД до крајот на 2028 година.