[ФОТО/ВИДЕО] Доколку ги посетите следните дестинации, овие жичарници не смеете да ги пропуштите: Од урбани предели до возења со отворена кабина

Точка

16/02/2026

13:00

503

Големина на фонт

а а а

Ако не сте голем љубител на патувањето со воз, јавниот превоз обично е средство за да стигнете до вашата дестинација, а не атракција сама по себе.

Метроата, автобусите и трамваите ретко импресионираат, но постои еден начин на транспорт што може да стане еден од главните атракции на вашето патување – жичарницата.

Висејќи високо над планините или градската панорама, возењето со жичарница ви овозможува да ја видите околината од сосема нов агол.


Во продолжение некои од најинтересните опции ширум Европа, за оние кои не се плашат од височини. Всушност, за нив овие жичарници се нешто што не треба да се пропушти.

Париз: најдолгата градска жичарница во Европа

Отворена во декември 2025 година, жичарницата „C1“ ја поврзува станицата Поант ду Лак во Кретеј со Вила Нова во Вилнев-Сен-Жорж.

Париз одлучи да изгради жичарница наместо да ја продолжи линијата 8 на метрото поради ридестиот терен во предградијата што ги поврзува.


Со должина од 4,5 километри, ова е најдолгата урбана жичарница во Европа, а возењето трае околу 18 минути.


Швајцарија: најстрмната жичарница во светот

Обожавателите на Џејмс Бонд веќе се запознаени со ротирачкиот ресторан Пиз Глорија во Бернските Алпи, кој стана познат по филмот „On Her Majesty’s Secret Service“ (1969).


Дури и оние кои претпочитаат „мешано, а не протресено“ мартини имаат причина да се осмелат да се искачат, бидејќи тоа е најстрмната жичарница во светот.

Жичарницата Шилторн ги поврзува Штехелберг и Мурен, а првиот дел од рутата се искачува 775 метри за помалку од четири минути, што претставува наклон од 159,4%. Целото возење до врвот на Шилторн трае околу 30 минути.

Клајн Матерхорн: највисоката точка достапна со жичарница во Европа

„Matterhorn Alpine Crossing“ води од планинското село Цермат во Швајцарија до „Matterhorn Glacier Paradise“, на надморска височина од 3.821 метар.

Ова е највисоката точка во Европа до која можете да стигнете со жичарница, со поглед на швајцарските и италијанските планини.


Тука е и највисокиот планински ресторан во Европа, а од „Matterhorn Glacier Paradise“, можете да го продолжите возењето со жичарница до Бреј-Червинија, планинско село во Италија, минувајќи низ највисоката гранична станица на жичарницата во Алпите.

„CabriO Stanserhorn“: жичарница со отворен горен дел

Швајцарија е полна со уникатни жичарници, а „CabriO Stanserhorn“ е за најхрабрите.


Корисниците уживаат во искачувањето од долината Калти до врвот од отворениот горед дел.

Жичарницата работи само во лето, а возењето трае околу седум минути. На врвот, можете да го пробате Алплермагронен, швајцарската верзија на макарони со сирење, во ротирачкиот ресторан или да разговарате со планинарскиот чувар за локалниот див свет. Секако, ова искуство е нешто што се памети.


Титлис Ротаир: ротирачка жичарница над планината Титлис

На швајцарската жичарница Титлис Ротаир, не мора да се грижите за тоа дали ќе фатите добро седиште, ниту пак мора постојано да се вртите за да го видите пејзажот под вас, бидејќи се ротира 360 степени за време на петминутното возење, па погледот од секое седиште и од секој агол е фантастичен. Од врвот можете да го посетите и највисокиот висечки мост во Европа и ледената пештера.


Италија: жичарници за двајца Сасолунго

Повеќето жичарници на оваа листа не се за оние кои се плашат од висина, но жичарниците Сасолунго не се ни за клаустофобични – кабините се тесни, стоечки и сместуваат само две лица. Тие возат од Пасо Села до планинскиот дом Тони Демец.


Жичарницата работи постојано, така што нема време за двоумење, па мора да потрчате за да ја фатите и да скокнете во неа додека таа сè уште се движи од другата страна. Работи само во лето и е идеална за пристап до многу планинарски патеки од врвот.

Финска: сауна во жичарница

Во „Ylläs Ski Resort“ во Финска постои сосема уникатно искуство – традиционална финска сауна во жичарница. Возењето трае околу 20 минути и може да прими до четири лица. Доколку се возите ноќе можеби ќе успеете да ја видите и поларната светлина.

Без разлика дали сте љубител на планински авантури, адреналински искуства или едноставно сакате да уживате во панорамски погледи, европските жичарници нудат незаборавни искуства.


Од урбани линии што ги поврзуваат градовите, до ротирачки кабини во Алпите, до жичарници со отворени палуби и сауна во Финска, секое возење нуди единствена перспектива и можност да ја видите природата и архитектурата од сосема нов агол.

Следниот пат кога планирате патување, можеби возењето со жичарница е вистинскиот начин да ја доживеете Европа на поинаков начин, високо над земјата, со поглед што ќе ви остане врежан во меморијата.