Таткото на две деца, Џон Дентон (34), од Хартфордшир, Англија, вели дека би сакал да го „врати времето“ и да ја промени одлуката да отпатува во Турција за да ги поправи своите „распаднати“ заби.
Во јануари 2020 година, Џон доживеал тешка сообраќајна несреќа, поради која му биле извадени предните заби заради поставување цевки за дишење. Во текот на закрепнувањето, тој добил метални импланти во вилицата и, како што вели, сè станало исклучително тешко – особено миењето на забите.
Не можел да јаде нормално
Во еден момент, како што вели, неговите заби почнале да „распаѓаат“, а откако се консултирал со стоматолог во Велика Британија, сфатил дека не може да си го дозволи лекувањето кое чинело околу 34.000 евра.
Џон тврди дека ситуацијата дополнително се влошила, дека постојано чувствувал болки и дека не можел да јаде нормално, пренесе британски „Мирор“.

За да го реши проблемот, тој решил да потроши 4.000 евра и да патува во Турција во јануари оваа година за да добие „нова насмевка“. По вградувањето на 14 импланти, тој тврди дека имал „неподносливи болки“ и дека долните заби му „паднале“ по враќањето дома.
Кога повторно отпатувал во Турција на контрола во март, тврди Дентон, стоматологот одлучил да ги отстрани сите импланти наместо да ги поправи. Тоа го направил додека Џон бил под седативи.
„Кога се вратив дома, неколку дена бев целосно изолиран. Во споредба со ова, пред заминувањето во Турција бев во подобра состојба отколку сега. Неодамна беше роденденот на мојата партнерка, се обидов да изедам парче торта, иако беше мека, но не можев. Знам дека некои луѓе отишле во Турција и добиле одлични резултати, но кај мене тоа не беше случај. Ова е најлошото низ кое сум поминал. Би сакал да можам да го вратам времето.“

„Добив многу понуди во Турција“
Џон ги споделил болните детали по првата интервенција во клиниката.
„Се сеќавам дека се разбудив и немаше ништо (ниту еден заб). Освен предниот кој малку ме болеше, сите останати беа цврсти. Немаше потреба да ги отстранат сите. Доживеав шок кога сфатив дека сите се извадени. Потоа едноставно се затворив во себе“, се присетил тој.
„Во споредба со ова, бев во подобра состојба пред да одам во Турција. Знам дека некои луѓе дошле тука и добиле одлични заби, но тоа не беше случај со мене“, додал тој.
Џон добил неколку понуди од стоматолози пред да оди во Турција.

„Навикнав да си ја покривам устата кога разговарав со луѓе и не се смеев. Добив многу понуди од стоматолози во Турција и избрав еден кој беше во средна опција, бидејќи мислев дека е безбедна опција. Имаа добри критики и беа една од ретките клиники што не ги притискаа клиентите веднаш да закажат преглед, па затоа изгледаа искрени“, објаснил тој.
„Кога се вратив, бев среќен“
Откако ја платил почетната цена за третманот, Џон тврди дека морал да плати уште 900 евра кога пристигнал во клиниката.
„Сè изгледаше забрзано“, се сеќава Џон.
Поминал шест часа на стоматолошкиот стол, пришто му биле вградени 14 импланти, а следниот ден му вградиле нови заби. На почетокот бил среќен, но набрзо почнале проблемите.
„Кога се вратив, бев навистина среќен. Чувствував болки и мислев дека тоа е дел од процесот. Како што лековите престануваа да делуваат, болката станувапе неподнослива“, додал тој.
Џон тврди дека неговите привремени долни заби набрзо испаднале.

„Исто така, не можев да ги четкам забите бидејќи тоа толку многу болеше, беше неподносливо“, рекол тој.
„Ако не го решам ова, ќе ми го уништи животот“
По враќањето во Турција во март оваа година, имплантите биле отстранети со објаснување дека биле „неуспешни“, навел Џон.
Клиниката му понудила опција да плати вградување протеза или делумно враќање на парите (3.100 евра), што тој го избрал.
Сега собира средства за „нова насмевка“.

„Ако не го решам ова, ќе ми ја уништи врската. Секој ден се будам лошо расположен и не сакам да одам на работа, што влијае на моите сметки и мојот приход. Количината на болка што ја проживеав, морам повторно да поминам низ сето тоа“, рекол тој.










