Кога говориме за патување на животот, тешко е да се најде подобар пример од ова. Само замислете ја следната сцена: дури 48 илјади километри што ги поврзуваат Северна, Средна и Јужна Америка низ 14 различни земји.
Легендарниот Панамерикански пат, познат и како Carretera Panamericana, е најдолгиот пат во светот и една од најпознатите рути меѓу патниците. Сепак, неговата целосна должина ја минуваат само најупорните и најстраствените авантуристи. Такво патување обично трае со месеци, а неретко и подолго од една година, и ги води возачите низ глетки со нереална убавина, но истовремено ги става пред низа предизвици и сериозни опасности.
Го нарекуваат „мајка на сите road trip-ови“, но зад тоа име се крие предизвик кој само ретки успеваат да го завршат
За почеток, вреди да се разјасни една важна работа. Панамериканскиот пат не е една единствена, огромна сообраќајница што се протега низ континентите. Станува збор за сложена мрежа од патишта што минува низ Северна, Средна и Јужна Америка и ги поврзува повеќето земји на тој огромен простор. Неговата главна траса, на која се надоврзуваат бројни ограноци, е долга околу 25.800 километри и води од Серкл на Алјаска до Пуерто Монт во Чиле.

Иако важи за еден од најпознатите патишта во светот, ретки се одлучуваат да го поминат во целост, пред сè поради неговата импресивна должина и предизвиците што ги носи таквото патување. Токму затоа често го нарекуваат и „мајка на сите road trip-ови“, како што наведува „Dangerous Roads“. На таа рута возачите ја достигнуваат и нејзината највисока точка – планинскиот превој Серо де ла Муерте, кој се издига на 3451 метар надморска височина.
Држави кои ги поврзува овој неверојатен пат
Оваа импресивна сообраќајна мрежа најлесно е да се разгледа како две целини – северен и јужен дел. Северниот дел од Панамериканскиот пат минува низ Канада, Соединетите Американски Држави, Мексико, Гватемала, Салвадор, Хондурас, Никарагва, Костарика и Панама.

Јужниот дел ги поврзува Суринам, Гвајана, Бразил, Венецуела, Колумбија, Еквадор, Перу, Чиле, Аргентина, Боливија, Парагвај и Уругвај. На подрачјето на Јужна Америка, притоа, се разгранува во повеќе правци, па не постои само една единствена рута, туку цела мрежа што се прилагодува на географијата на континентот.
Непроодна џунгла која го прекинува Панамериканскиот пат и ги запира патниците
Но, Панамериканскиот пат исто така не е непрекината мрежа од сообраќајници. Имено, помеѓу неговиот северен и јужен дел постои „празнина во поврзаноста“. Тој прекин се наоѓа на дел од т.н. Интер-американски пат, делница долга 5.390 километри од Нуево Ларедо во Мексико до Панама Сити, а се однесува на т.н. Дарјенски јаз. Станува збор за географско подрачје во кое, на околу 100 километри помеѓу Јавиза во Панама и Турбо во Колумбија, нема никаква патна врска.

Причините се повеќекратни. Тамошниот терен е исклучително тежок и непрооден, а изградбата би имала штетни последици и врз екосистемот. Исто така, на изградбата ѝ се спротивставуваат и припадниците на автохтоните народи кои живеат на тоа подрачје. Тој непостоечки дел од Панамериканскиот пат се минува или со брод или со авион.
Од идеја стара повеќе од еден век, до една од најамбициозните сообраќајни мрежи во светот
Идејата за некакво сообраќајно поврзување на Јужна и Северна Америка датира уште од 1889 година, додека самата идеја за Панамериканскиот пат се родила во 1923 година, но како една единствена траса. Но, таа визија еволуирала, па во 1937 година Аргентина, Боливија, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Салвадор, Гватемала, Хондурас, Мексико, Никарагва, Панама, Перу и САД потпишале конвенција за Панамериканскиот пат, со која се обврзале на брза изградба на своите делници од овој пат. Делницата што минувала низ Мексико била првата латиноамериканска делница што била завршена, а Мексико сам ја финансирал нејзината изградба. Останатите централноамерикански земји имале помош од САД.

Панамериканскиот пат, гледан во својата целина, навистина претставува огромен предизвик. Има многу ограноци, што значително го зголемува вкупниот број километри, а исто така минува низ најразновидни пејзажи, што значи и најразлични временски и климатски услови. Покрај тоа, на некои делници патот е во лоша состојба, на други возачите се соочуваат со одрони, високи карпи и екстремни температури, животни и добиток на патот, делови што за време на дождовните сезони не се проодни или, пак, со сурови зимски услови.
Исто така, патот на некои места минува и низ безбедносно ризични подрачја, на пример региони под контрола на наркокартели, а навлегува и во пустини и прашуми, глечери и планини…
Од 7 години пешачење до 10 дена со автомобил – неверојатни рекорди од најдолиот пат на светот

Но, токму поради тоа е вистински магнет за оние што бараат животна авантура или сакаат да влезат во историјата со некаков рекорд. На пример, некои извори наведуваат дека две лица ја поминале пеш. Првиот што успешно ја завршил рутата од Алјаска до Аргентина бил поранешниот британски морнар Џорџ Миган. Во авантурата тргнал во 1977 година, а за да ја заврши оваа долга прошетка му биле потребни дури 2425 дена. На тоа долго патување поминал 30.608 километри. Со сличен предизвик се соочил 35 години подоцна Американецот Холи Харисон.

Нему, за нешто пократка рута од 23.305 километри му биле потребни 530 дена. Светскиот „моторизиран“ рекорд на Панамериканскиот пат, пак, го држат германскиот возач Рајнер Цитлоу и неговиот тим. Тие во 2019 година растојанието од 22.500 километри го поминале за 10 дена и 19 часа, со што го срушиле својот претходен рекорд од 11 дена и 17 часа, постигнат во 2011 година. За да го преминат прочуениот Дарјенски јаз, користеле однапред закажан лет со товарен авион.










