[ФОТО] Ова е најчудната шума која некогаш сте ја виделе: Во неа дрвјата „растат наопаку“, а мештаните веруваат дека тие имаат посебна моќ

Точка

24/02/2026

15:59

502

Големина на фонт

а а а

Постојат дестинации што го одземаат здивот, а потоа постои и еден свет сам за себе – Мадагаскар.

Сместен покрај источниот брег на Африка, овој чудесен остров често го опишуваат како посебен континент. И тоа со причина. Го красат исклучителна биолошка разновидност и драматични пејзажи – од тропски плажи и корални гребени до плодни висорамнини и прашуми. Поради бојата на почвата го нарекуваат и „Црвен остров“, а покрај десетината национални паркови, на него ќе пронајдете и неверојатен број ендемски растителни и животински видови: лемури, камелеони, уникатни орхидеи, палми и неколку видови свети баобаби – дрво на кое му е посветено едно од најфотографираните места на целиот Мадагаскар.

Гордо се издигаат на делница од пат долга околу 260 метри

Тоа е Авенијата на баобабите – чудесна алеја од џиновски дрвја и една од најпрепознатливите природни атракции на овој рајски остров. Сместена во регионот Менабе, околу 45 километри североисточно од Морондава, се протега долж неасфалтиран пат што овој град со околу 54.000 жители го поврзува со соседниот Белони Цирибихина.


Таму, на делница долга околу 260 метри, се издигаат меѓу 20 и 25 величествени дрвја од видот „Adansonia grandidieri“, познати и како џиновски баобаби, додека во нивна непосредна близина, меѓу оризовите полиња и пространите ливади, растат уште дваесетина примероци од истиот вид.

Величествените осамени џинови се остаток од густите тропски шуми

Овие баобаби, ендемични за Мадагаскар, достигнуваат височина од околу 30 метри и можат да живеат повеќе од 800 години (некои дури велат и до 1000). Нивните стебла се масивни, со пречник и до 11 метри, специфични по тоа што можат да складираат големи количини вода. Така, всушност, дрвјата се приспособиле за преживување во сушната и тропска клима на западниот дел од островот.


Поради крошните кои наликуваат на корени свртени кон небото, овие баобаби често ги нарекуваат и „наопаку свртени дрвја“. Иако денес на Авенијата изгледаат како осамени џинови што се издигаат над речиси пустински пејзаж, некогаш состојбата била сосема поинаква. Овие дрвја всушност се остаток од густите тропски шуми кои некогаш го покривале тоа подрачје.

Баобабот на малгашки јазик се нарекува „ренала“ и се преведува како „мајка на шумата“

Но како што растело населението, луѓето сè повеќе ги расчистувале шумите. Сепак, некои баобаби останале недопрени – делумно затоа што претставувале извор на храна и служеле како градежен материјал, а делумно поради длабокото почитување што локалното население го чувствува кон нив. Имено, баобабите на малгашки јазик се нарекуваат и „ренала“ или „рениала“, што значи „мајка на шумата“.


Тоа име и денес ја одразува нивната симболична и еколошка важност како чувари на пејзажот и живи потсетници на шумскиот свет кој во меѓувреме исчезнал. Освен тоа, Авенијата на баобабите е свето место за локалното население, кое верува дека овие дрвја имаат посебни моќи, па многумина ги посетуваат барајќи благослов или духовно водство.

Интересна стара легенда за несреќна љубов и два засекогаш споени баобаби

Околу седум километри северозападно од Авенијата се наоѓаат т.н. вљубени баобаби – две испреплетени дрвја од видот „Adansonia za“. Според легендата, тие настанале од несреќната љубовна приказна на момче и девојка од блиското село. Иако и двајцата веќе биле ветени на други партнери, сонувале за заеднички живот и го замолиле Бога за помош. Тој нивната љубов ја претворил во два баобаба што растеле еден покрај друг сè додека не се испреплетиле и засекогаш се споиле – токму онака како што посакувал парот.


Алејата, велат, е најдобро да се посети во текот на сушната сезона, од април до декември, особено во зори и пред зајдисонце. Тогаш бојата на стеблата се менува под влијание на светлината, односно добива топли портокалови и златни нијанси, а долгите сенки создаваат речиси надреална и бајковита атмосфера. Во близина на оваа туристичка атракција се наоѓа и шумата Киринди, позната по лемурите, предаторот фоса и други ендемски видови.

Вреден потсетник на кревката рамнотежа меѓу човекот и природата

Иако во јули 2015 година прочуената Авенија на баобабите официјално беше прогласена за заштитен споменик на природата, нејзините дрвја и понатаму се загрозени од понатамошна дефорастација, ширење на оризовите полиња, отпадни води, како и од пожари во вегетацијата и шумите.


Затоа бројни здруженија даваат сè од себе за да го заштитат и зачуваат овој симбол на Мадагаскар и вреден потсетник на кревката рамнотежа меѓу човекот и природата.