Бодибилдерот Давуд Сохараби, познат и како „иранскиот Бред Пит“, починал минатиот четврток од последици на тешко ранување за време на антивладините протести.
Сохараби бил погоден во окото, по што паднал во кома и починал 50 дена подоцна. Веста се прошири во странските медиуми дури синоќа.

Сохараби бил критично ранет за време на демонстрациите на 7 јануари и итно пренесен во болница. Лекарите со операција морале да му го отстранат едното око, но набргу по зафатот паднал во кома. По педесет дена без никакви знаци на закрепнување, 30-годишникот починал.
Сонувал за манекенска кариера
Давуд, по потекло од селото Јам на североистокот на Иран, се преселил во Техеран каде што работел како тренер по бодибилдинг. Редовно објавувал фотографии на социјалните мрежи и сонувал да стане манекен, поради што го добил прекарот „иранскиот Бред Пит“.
Пред да се посвети на бодибилдинг, работел како доставувач со мотор. Само два часа пред да биде погоден, го прославил освојувањето на сребрен медал на едно натпреварување.
Притисок од властите врз семејството
По неговата смрт, неговиот брат на социјалните мрежи објавил дека мајка им е хоспитализирана откако доживеала нервен слом. Објавата била избришана само неколку минути подоцна, а профилот на братот станал недостапен. Според наводите, семејството е под строг надзор на иранската влада.
Според достапните информации, властите во повеќе наврати вршеле притисок врз роднините јавно да изјават дека Давуд бил член на Басиџ, паравоена доброволна милиција во рамките на Корпусот на чуварите на исламската револуција. Еден извор тврди дека функционерите се обидуваат да го прикажат како „маченик“.
Необичен погреб во режија на режимот
Неговиот погреб се одржал во средата во Техеран, со големо присуство на припадници на Басиџ и разузнавачки агенти во цивилна облека. Еден од присутните изјавил дека церемонијата значително се разликувала од погребите на другите жртви од протестите.
„За разлика од вообичаените погреби за другите жртви, кои главно се одржуваат набрзина и траат само неколку минути, оваа церемонија траеше околу три часа“, рекол изворот. „Организацијата и говорите беа целосно поинакви од она што е вообичаено. Целата церемонија беше организирана исклучиво за властите да го присвојат неговото име“, раскажал изворот.
Збогување на социјалните мрежи
Зад Давуд останаа неговите родители, брат и девојка, кои ги донирале неговите органи. Бројни следбеници се простија од него на социјалните мрежи.
„Какво прекрасно младо момче. Нека Бог го благослови него и неговото семејство“, напишал еден корисник. Друг додал: „Срцето ми се кине! Нѝ ги убиваат талентираните млади браќа и сестри“.

















