Киера и Ричард Рид ги напуштиле своите работни места, ја продале куќата и со своите три деца се преселиле – во камион. Парот од Есекс во 2019 година добил како што велат, „луда идеја“ да тргне на пат, а седум години откако го напуштиле родниот град живеат живот за кој отсекогаш сонувале.
Семејството го сочинуваат Киера и Ричард, нивните деца – деветгодишната Пајпер, осумгодишниот Џек и петгодишниот Теди – како и нивниот лабрадор Чарли. Порано живееле во куќа со три спални соби. Ричард работел во шумарството, додека Киера се занимавала со маркетинг. Откако го купиле својот прв кампер, поминале пет месеци патувајќи низ Европа. Во моментов го обиколуваат брегот на Велика Британија, пишува „The Sun“.

Киера на социјалните мрежи ја покажала внатрешноста на камионот, со посебен акцент на просторот наменет за децата. „Кога го преуредувавме камионот за постојан живот со деца, една работа беше неоспорна – мораа да имаат навистина добри кревети“, објаснила таа.
„Сакавме секој од нив да има свој постојан агол што ќе го нарекува дом – не само место за спиење, туку простор кој ќе го доживуваат како свој“, додала.
Креветите на кат се изработени по мерка за совршено да се вклопат во камионот. „Сите се со стандардна големина за едно лице, без компромис кога станува збор за удобноста. Внимававме да имаат доволно простор над главата за да можат да седат и да се опуштаат во својот простор, бидејќи тоа не е само место каде што спијат, туку и каде што читаат, играат и се одмораат по деновите исполнети со авантури“, објаснила Киера.
Таа истакнала и дека децата многу брзо го присвоиле својот простор: „Целосно ги направија свои – ги исполнија со играчки, ситници и со сите оние мали богатства што децата некако ги собираат по пат“.
Видеото објавено на ТикТок под корисничкото име „@touringwiththekids“ собрало речиси 34 илјади прегледи, а многу корисници се воодушевени од изгледот на детскиот простор. „Искрено ми се допаѓа како сè изгледа толку домашно и фантастично. И самите размислуваме за живот во комбе и ова навистина нè инспирираше“, коментирала една корисничка.
„Прекрасно, изгледа многу удобно“, додала друга, додека во коментарите се редеа и пораки како: „Изгледа прекрасно“ и „Навистина изгледа одлично“.
Парот често наоѓа бесплатни места за паркирање на камперот за да ги намали трошоците, а претходно за „The Sun“ зборувале и за финансиските предности на ваквиот начин на живот.
„Порано имавме хипотека и секој месец плаќавме рата на банката, а сега сме без никакви долгови.Сè што имаме е наше и никому ништо не должиме“, изјавил Ричард.
Тој додал дека планираат да продолжат со ваквиот номадски начин на живот и во блиска иднина. Иако животот со три деца и куче во мал простор понекогаш може да биде хаотичен, Ричард смета дека таквиот начин на живот позитивно влијае на нивниот развој. Децата се школуваат дома, а родителите им дозволуваат сами да изберат што сакаат да учат.
„Децата се школуваат дома, по флексибилен распоред. Работиме со нив поединечно – Киера предава предмети како англиски и природни науки, а јас математика“, објаснил тој.
„Освен тоа, им дозволуваме сами да изберат што уште сакаат да учат. Рекоа дека сакаат да знаат повеќе за океаните, па сега сите заедно учиме за животот во морето. Тоа е нешто што можеби не би го добиле во класичниот училиштен систем. Понекогаш знае да биде хаотично кога сме толкумина во толку мал простор, но прекрасно е да се види како се поврзуваат и играат заедно“, истакнал Ричард.