Највисокиот човек во светот, Султан Косен, во новиот документарец проговорил за причините за распадот на неговиот брак, признавајќи дека разводот го скршил.
Овој 43-годишникот, кој е висок неверојатни 251 см, се развел од сопругата Мерве Дибо, висока 168 см, во 2021 година, а деталите за крајот на нивната љубов ги открил во документарецот на Канал 4 „Највисокиот човек на светот: Следното поглавје“ (The World’s Tallest Man: The Next Chapter).
Турскиот рекордер, кој го држи Гинисовиот рекорд 17 години, се оженил со Сиријката Мерве во 2013 година. Тој тврди дека „многу ја сакал“ и дека неговиот животен сон бил да најде партнерка и да основа семејство. На раскошната свадба со 1.500 гости, тој рекол: „Штом ја погледнав во очи, знаев дека е љубов“.

Мерве тогаш имала 20 години, а само неколку месеци по нивната венчавка, почнале да кружат гласини за брачни проблеми. Тогаш, Султан, заедно со сопругата, застанале пред медиумите за да ги побијат шпекулациите. „Постојано добивам повици, пет, шест луѓе секој ден. Прашуваат: „Дали е вистина? Дали сопругата те напуштила?“ Мојата сопруга не отиде никаде. Сакам сите да видат, мојата сопруга е тука“, рекол тогаш. Мерве додала: „Нема ни трошка вистина во тоа. Сакам да останам со него до крајот на животот. Да, јас сум најсреќната жена во светот“.

Меѓутоа, бракот не траел. Султан, кој страда од гигантизам и акромегалија предизвикани од тумор на хипофизата, во новиот документарец открил дека се развеле во 2021 година. Притисокот од неговото здравје, семејните односи и животот под постојан јавен надзор станал преголем.

„Едноставно не можевме да продолжиме понатаму. Мојата сопруга го избра своето семејство. Се разведовме. Нашата среќа не траеше долго“, тажно објаснил. Гледајќи фотографии од свадбата, признал колку се болни тие спомени за него. „Кога размислувам за тоа, ме обзема тага затоа што сето тоа многу ме повреди, а јас ја сакав толку многу. Станувам емотивен кога ги гледам овие фотографии. Многу ми е жал“, рекол Султан.
Косен, кој потекнува од земјоделско семејство со просечна висина, истакнал дека наоѓањето нова партнерка би го направило „најсреќен човек во светот“, но не е сигурен дали тоа некогаш ќе се случи. Гигантизмот го направил зависен од инвалидска количка и патерици уште од 25-годишна возраст, а притисокот врз колената му предизвикува „постојана болка“. Тој тежи повеќе од 165 килограми и има проблеми со мобилноста. Со текот на годините, претрпел три операции на ногата и три операции на мозокот за да ги контролира симптомите на неговиот раст.
„Да можев да променам нешто во мојот живот, би ги променил само колената. Би сакал да можам повеќе да трчам, да одам и патувам“ искрено рекол Султан. Неговиот брат Хасан во документарецот рекол: „Султан би можел да биде посреќен. Тој секогаш го поминува слободното време на компјутер. Но, ако најде девојка, може да има и други работи во неговиот живот“. Сепак, кога го прашале дали тоа ќе се случи, Султан одговорил во свој стил, шегувајќи се: „Многу сум грд. Да бев убав, досега ќе најдев некого“.